| четврток, 6 декември 2018 |

Стефан Миленковиќ на први август настапува во Античкиот тетар во Охрид

Една од главните атракции на програмата на годинашното 55­. издание на фестивалот „Охридско лето“ е и концертот на маестро Стефан Миленковиќ и на словенечкиот хармоникаш Марко Хатлак, кој ќе се одржи задутре на сцената на Античкиот театар.

koga-stefan-milenkovikj-sviri-i-igra-tango-129678

 

Од „Охридско лето“ за вечерта на 1 август ветуваат голема енергија, музички набој и интегритет, ентузијазам и страст, импровизација, сето тоа вклопено во неповторлив настап на „Танго компас“. Како посебен ексклузивитет на вечерта е тоа што Миленковиќ покрај своето свирачко мајсторство публиката ќе има можност да го види и во улога на танчар.

Селекторката на музичкиот дел од програмата на „Охридско лето“ Гордана Јосифова ­ Неделковска најавува дека покрај квалитетниот избор на врвни уметници кои ја сочинуваат фестивалската програма, и оваа година за пошироката публика ќе има неколку настани на сцената на Антички театар кои претставуваат голема атракција и вистински ексклузивитет. ­

– Нашиот добар познајник и секогаш со задоволство слушан уметник, виртуозниот српски виолинист Стефан Миленковиќ, повторно доаѓа во Македонија, но овој пат заедно со словенскиот хармоникаш Марко Хатлак со кој го основале дуото „Танго компас“ – Неделковска.

Македонската публика многупати имаше можност да се запознае со Стефан Миленковиќ. Дури уште од времето кога беше нарекуван „чудо од дете“ и кога како таков ги воодушевуваше љубителите на музиката низ целиот свет. Подоцна овој мајстор на виолината разви исклучителна концертна активност настапувајќи со најреномираните светски оркестри и музички уметници. Има издадено голем број носачи на звук а значајна е и неговата хуманитарна работа. ­ Пред неколку години, со Марко Хатлак ги здружија силите и нивната страст кон танго музиката, што резултираше со основање на дуото „Танго компас“. Досега направиле серија успешни концерти заедно, а минатата година ја започнаа и својата соработка со пијанистот Марко Чрнчец и контрабасистот Лука Херман Гајзер. Заедно со нив на концертот ќе настапи и вокалистката Ана Бежјак, вели Јосифова ­ Неделковска.

Според неа, концертот на „Танго компас“ ќе биде нешто ново и свежо за фестивалската публика. ­

– Ако пред неколку години го имавме незаборавниот настан на Стефан Миленковиќ заедно со Влатко Стефановски, концерт за кој се уште се зборува, во овој проект публиката може да очекува еден интересен пресек на танго од стари мајстори преку модерни како Пјацола, па се до некои дела кои ќе ги изведат премиерно, кои се напишани за нив – сето тоа претставено на нивен начин кој е комбинација на нивните музички искуства (класика, џез и етно). Несомнено ова ќе биде несекојдневен настан кој не смее да се пропушти – изјави селекторката на музичката програма на „Охридско лето“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top