| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието донесе повеќе законски измени по скратена постапка

­ Собранието на Република Македонија во рамки на денешната 61. седница ги донесе законите за измени и дополнувања на законите за безбедност на храната, за производи за заштита на растенијата, за семенски и саден материјал, за земјоделски растенија, за угостителска дејност и за минерални суровини, сите по скратена постапка.

sobranie

 

Измените, генерално, се однесуваат на усогласување на овие закони со Законот за прекршоци, кој деновиве беше усвоен.

Пратениците по скратена постапка ги изгласаа и измените и дополнувањата на законите за трговија, за вршење занаетчиска дејност, за превоз во патниот сообраќај, за градење, за животната средина, за безбедност и здравје при работа, за работните односи, за минимална плата во Република Македонија, за пензиското и инвалидското осигурување, за спортска академија и за филмската дејност. За измените на Законот за градење се јави Роза Топузовска – Каровска, со забелешка дека за една година Законот се менува десет пати. Тоа укажува на, како што рече, несериозниот пристап на Министерството за транспорт и врски. Според пратеничката, сите казни не се намалуваат, напротив, дел остануваат исти, но притоа се земени највисоките дефинирани со претходниот закон. ­

– Во измените што се донесуваат не можат да се снајдат ни правниците, а камоли граѓаните. Решенијата едноставно не може да се следат. Ова менување на Законот десет пати за една година зборува за исклучително несериозниот пристап на ресорното Министерство – истакна Топузовска Каровска.

Собранието ги донесе и законите за изменување на законите за вработување и осигурување во случај на невработеност, за здравствено осигурување, за филмска дејност, за постапување со бесправно изградени објекти, како и за изменување и дополнување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, сите по скратена постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top