Атрактивноста на постановката, локацијата, бесплатниот влез, работното време, групните посети, годишното време, екскурзиите и туристите – сето тоа влијае во конечната бројка на бројот на посетители во македонските музеи. Познавачите велат дека во последно време има нагорен тренд на расење на бројот на посети во македонските музеи. Новоотоврените се и најатрактивни, така покажуваат и бројките, а дали ќе го задржат тој тренд ќе покаже и времето. За истакнување е зголемениот број на странски туристи кои ги посетуваат македонските музеи, а тоа пред се се должи на соработката на туристичките агенциите со музеите. Од шестте музеи со кои контактираше „Република“ се добива впечаток дека холандските туристи се најредовни посетители во македонските музеи.
Според официјалните податоци Спомен куќата на Тоше во Крушево е моментно најпосетуван Музеј во Македонија. Иако постои само 18 месеци, Спомен куќата ја посетиле вкупно 132 илјади граѓани, или за една година имале 87.960 посетители. На второ место според бројот на посетители е Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим со 70 илјади посети годишно, а на трето место е Музејот на вода и заливот на коските во Охрид со годишна посета од околу 50 илјади. Во овие музеи влезот се наплаќа.
Во категоријата музеи каде што влезот е бесплатен, прва е Спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје со 80 илјади посетители годишно, на второ место е Меморијалниот Музеј на холокаустот со 65.434 посетители годиншно, а трет е Музјот на град Скопје со околу 30 илјади посетители во 2011 година.
Спомен куќата на Тоше работи 18 месеци и засега ги оправдува очекувањата по бројот на посети, со оглед на мегапопуларноста на Тоше Проески. Неговите обожаватели со нетрпение го чекаа отворањето на Куќата, која пак им ја донесе наградата за најдобро архитектонско решение за 2011 година на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона. Проектот беше на „Синдикат студио“ на авторите Дејан Секуловски, Дејан Спасеновски и Илија Божиновски. Влезницата во Спомен куќата на Тоше чини 100 денари за индивидуални посети, а 50 денари за групни. По педесет денари плаќаат и учениците и пензионерите, а влезот е бесплатен за социјалните категории граѓани. Досега 132 илјади граѓани го посетиле меморијалниот центар.
– Најмногу посети имаме во периодот мај – септември. Често имаме и странски групни посети и задоволни сме од темпото на работата. Очекувавме ваква посета – вели Калиопи Бојчиновска, директорка на Спомен куќата.
И во Музејот на ВМРО влезницата чини 100 денари за возрасни, 50 денари за групни посети, а странците плаќаат по 300 денари за влез. Музејот беше отворен лани на 8 септември, на денот на независноста на Македонија и за една година го посетиле над 70 илјади посетители. Од нив 8.000 се странци, според податоците на Музејот.
– За нас не се мерило бројките на продадени билети, бидејќи имаме многу често организирани посети, а посетите на странските туристи одат на фактура – велат од Музејот.
За 15 месеци постоење тие веќе ја „трошат“ третата книга на впечатоци, а имаат и посебна книга во која ВИП-гостите кои го посетиле Музејот ги запишуваат своите импресии од посетата.
Музејот на вода во заливот на коските постои четири години и за тој период го посетиле 200 илјади посетители, или околу 50 илјади годишно. Со овие бројки овој Музеј е најпосетуван споменик во Охрид, пред Самоиловите тврдини и Куќата на Робевци. Влезот во Музејот на вода чини 100 денари за возрасни и 30 денари за деца и најпосетуван е во периодот јули и август иако работи преку целата година.
– Според податоците, до 15 септември Музејот го посетиле 35.440 посетители од кои 27.064 биле возрасни, а 8.376 деца. На Самоиловите тврдини се качиле 35.297 посетители, а Куќата на Робевци и галеријата на Икони ја посетиле 5.000 туристи – вели Тања Паскали Бунташеска, директорка на Заводот за заштите на спомениците и културата и Музеј во Охрид.
Спомен куќата на Мајка Тереза, најпознатата скопјанка е единствена од ваков тип во светот и овој Музеј е еден од најпосетуваните во Македонија. Влезот е бесплатен, и за неполни четири години колку што постои Куќата во центарот на Скопје ја посетиле преку 380 илјади посетители.
– Интересирањето за Спомен куќата на Мајка Тереза се зголеми по прилогот на телевизиската куќа Си-ен-ен за нас. Ние сме профилирани како религиски туризам. Имаме соработка со туристички агенции и многу често имаме тури од Италија, Белгија, Холандија, Кореја. Генерално, впечатоците се позитивни – вели директорката Рената Здравковска.
Таа објаснува дека имаат посетители од целиот свет и се случува во книгата на впечатоци да се потпишат посетители на јазик кој е тешко разбирлив за нас – како грузиски, таџикистански, туркменистански, корејски, индиски, јапонски, кинески….
– Ова е шеста книга на впечатоци која ја пополниле посетителите на Куќата на Мајка Тереза. Работиме двократно и на лето , кога имаме повеќе посетители, се случува да имаме и по 1000 посети дневно. Голема е фрекфенцијата по почетокот на учебната година, па се до Нова година, па потоа следува затишје. Од пролет пак се разбудуваат посетителите – додава Здравковска.
Иако влезот е бесплатен, тие си водат прецизна статистика на бројот на посетители. Тоа е задача на водичите низ Домот на Мајка Тереза, кои го запишуваат бројот на оние кои ќе го посетат Музејот.
На сличен начин се бројат и посетителите во Музејот на холокаустот. Вообичаено, таму посетите се групни и органаизирани, но има и индивидуални.
– Најчесто имаме организирани посети во Музејот, но некој индивидуално ако дојде сигурно дека нема да го вратиме. Секоја посета се забележува. Од отворањето во март 2011 година до сега имаме 65.434 посети. Вообичаено имаме меѓу 3.500 и 4.000 посети – вели Маја Суша, кустос во Музејот на холокаустот.
Трендот на зголемување на посетеноста на македонските музеи се должи и на локацијата на музејот, провокативноста на насловот на изложбата или пак во случајот со Музејот на Заливот на коските и документарецот за нуркачот Милутин Секуловски-Мичо каде што се прикажани и подводните активности околу Заливот на коските.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.