Катастрофалните поплави од почетокот на оваа година ја зедоа својата последна жртва. Покрај уништените домови, патишта, земјоделски површини и десеткувани приноси на земјоделски култури, закаснетите удари на природната катастрофа стигнаа и деновиве. За време на последната градежна фаза од санацијата на главниот канал на хидросистемот со кој се носи вода до РЕК Битола, се наводнуваат земјоделските површини во јужниот дел од Пелагонија и се носи вода за пиење до градот Битола, се случи активирање на свлечиште, природна катастрофа за која не постои нити методолошки нити емпириски модел како да се предвиди.
Во изминатиот период РЕК Битола во чија сопственост и надлежност е сега веќе уништениот канал, работеше на негова санација. По новонастанатата ситуација надлежните институиции со итна реакција започнаа да превземаат активности за санација на настанатото свлечиште односно повторно ставање во функција на каналите на оштетениот хидросистем. Изминатата ноќ службите на надлежните институции со натчовечки напори и во импровизирани услови работеа на терен и направија се што е во нивна можност и надлежност за побрзо и поефикасно решавање на проблемот. Како одговор, успешно се дефинираа алтернативни патишта за водата да стигне онаму каде што е најпотребна, граѓаните на Општина Битола, комбинатот РЕК Битола, односно земјоделците во Пелагонија. Во тек се активности и за решавање на состојбата.
Според професорот Милорад Јовановски од Градежниот Факултет проблемот е настанат поради неповолни атмосферски влијанија – интензивните врнежи а потоа и поплави кои се случија на крајот на минатата и почетокот на оваа година односно дека подрачјето каде оштетениот цевковод е сместен е ризично и склоно кон ваков тип на природни катастрофи. Професорот потенцираше дека надлежните служби во континуитет интензивно работат на санација на цевководот во изминатите неколку месеци и дека овој проблем се појави во последната фаза од планираните активности. Професорот објасни дека за решавање на проблемот се интервенира и на теренот околу цевководот но и во внатрешноста на самиот цевковод.
Директорот на РЕК Битола Јовко Крстевски изјави дека водоснабдувањето на РЕК Битола се одвива непречено и дека во моментот опасност нема. Вода за потребите на комбинатот се обезбедува од Црна Река во која ЈП Стрежево испушта дополнителни количини на вода од каде РЕК истата ја вади со пумпи. Дополнително, за потребите на комбинатот се користат резервите акумулирани во Суводолското Езеро чиј капацитет изнесува 4.000.000 кубни сантиметри вода. Со ваквите алтернативни решенија РЕК Битола може да ги задволи своите потреби за вода за период од 3 месеци.
Марјан Ѓероски, директорот на ЈП Стрежево нагласи дека каналот кој што е оштетен и на кој се случи природната катастрофа е во сопственост на РЕК Битола но со цел побрзо и поефикасно справување со новонастанато свлечиште, на терен интервенираат екипи на ЈП Стрежево, РЕК Битола и екипи на приватна компанија. Директорот Ѓероски објасни дека работат на оспособување на лимен канал кој ќе овозможи транзит на доволна количина на вода за градот Битола и за РЕК Битола. Алтернативното решение ќе биде ставено во функција за неколку часа и водоснабдувањето на градот Битола нема да биде загрозено. За да се избегне и најмал ризик, ЈП Стрежево ги користи сопствените резерви на вода во компензациониот базен, капацитетите на алиментационот канал кој зафаќа 7 реки и кој се пренасочува кон пунктот на ЈП Водовод.
Ѓероски напомена дека целиот терен лоциран на 13 километри од акумулацијата Стрежево е ризичен и дека ова не е прво и единствено свлечиште. На само 400м оддалеченост постои друго, а ЈП Стрежево во наредниот период ќе интервенира и на 6 останати свлечишта.
Директорот Ѓероски изјави дека ЈП Стрежево водата ја испушта согласно законските регулативи – најпрво за градот Битоа потоа за РЕК Битола и на крај за наводнување на земјоделските површини.
Раководителот на подрачната единица на МЗШВ Битола, Илија Србиновски, информираше дека во подрачната единица на МЗШВ во Битола пријавени се засадени 14.000 хектари со земјоделски култури. Од нив за наводнување преку акумулацијата Стрежево се пријавени 5000 хектари. Тие површини веќе во неколку турнуси се наводнувани и за нив нема опасност од пресушување поради недостаток на вода. Раководителот на подрачната единица на МЗШВ Илија Србиновски апелираше до сите земјоделци да не креваат непотребна паника бидејќи се превземаат натчовечки напори за да не се дозволи земјоделието да претрпи никакви штети поради недостаток на вода за наводнување.
Директорот на ЈП Водовод – Битола, Горан Стефановски, изјави дека Јавното претпријатие има резерви на вода кои во моментот тековно го водоснабдуваат градот Битола и дека нема простор за паника кај граѓаните. Директорот апелираше до сите граѓани на Битола непотребно да не ја зголемуваат нормалната потрошувачка на вода со цел рационално да се искористат резервите на вода.
Од ОК ВМРО ДПМНЕ Битола им заблагодарија на сите луѓе кои во изминатите 48 часа беа деноноќно вклучени во обезбедување непречено и непрекинато водоснабдување на градот Битола.
– Сите сме свесни дека природата е многу поголема сила од човечкиот фактор и дека заради временската непогода што ја зафати Пелагонија во текот на зимата, заради големите поплави, сеуште ги чувствуваме последиците сега преку појавата на неколку свлечишта. Како што изјавив и претходно, сметам дека е крајно нефер, прво кон вработените во институциите надлежни за водоснабдување во градот, а потоа и кон сите битолчани, да се злоупотребува временската непогода и последиците од неа за дневни евтини партиски поени – изјави Борче Димитровски.
Од таму јавно апелираат до СДСМ да не ја манипулираат јавноста извртувајќи ја актуелната ситуација.
– Временски непогоди имало и ќе има и во иднина, независно кој е на власт. Како и секогаш досега, институциите предводени од ВМРО ДПМНЕ многу совесно и одговорно ги превземаат сите активности за решавање на актуелниот проблем. Одбиваме да се занимаваме со дневни партиски препукувања и цела енергија ќе ја насочиме да обезбедиме максимална поддршка за брзо надминување на проблемот кој повторувам, не е резултат на човечки фактор – додава тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.