Најдобриот светски тениски рекет, Србинот Новак Ѓоковиќ ги изненади сите присутни на турнирот во Умаг, Хрватска откако се појави на финалето меѓу Тием и Соуса на кој славеше Тием со 2-0 (6-1, 6-4).
Финалето остана во втор план откако Ѓоковиќ се појави на трибините и ги одушеви сите присутни, кои побрзаа да се фотографираат со него. Тоа го искористи и хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, која фотографијата со Ноле ја објави на својот профил на „Фејсбук“.
– Голем поздрав од финалето на АТП турнирот во Умаг – напиша под неа претседателката Китаровиќ.
Ѓоковиќ иако е Србин е одлично прифатен меѓу љубителите на „белиот“ спорт во Хрватска и коментарите генерално беа позитивини.
Тој секако даде и изјава со која најави дека има желба до крајот на кариерата да одигра уште еден турнир во Умаг.
– Со семејството сум на одмор во Хрватска и сакав да навратам до Умаг бидејќи овој турнир зазема посебно место во моето срце. Дојдов во име на сите дамнешни сеќавања. Овде играв првпат во 2006 година и кога ќе дојдам како обичен гостин, ме фаќа носталгија. Пред завршувањето на кариерата, сигурно ќе дојдам уште еднаш да настапам на турнирот во Умаг – изјави најдобриот светски тенисер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.