| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто го сакам Скопје?

skopje

Затоа што е мојот роден град. Затоа е што роден град на моите родители, затоа што тука ги родив моите деца. Затоа што од баба ми дедо ми ги знам сите приказни за „бомбардировките“ на Скопје кога баба ми го загубила целото семејство, за поплавата и за земјторесот, кога во станот од 62 квадрати во Кисела Вода кој за среќа останал несрушен, тие дома прибрале 23 роднини кои останале без покрив на главата, а баба ми со своите деца заминала кај роднини во Велес. И стопати сум ја слушала приказната како тетка ми подоцна, спремала испити и цртала цртежи за испит на Архитектонскиот факултет под трпезариската маса, бидејќи само таму имала мир.

Од дедо ми знам за „Соколана“ и за киното „Уранија“, за дамите кои се дотерувале за во театар, а баба ми им шиела тоалети… Знам и за протерувањето на Евреите и за тоа како им носеле вода и храна кај „Тутунски комбинат“ и оттогаш знам за љубовта и почитувањето кое скопјани го негувале кон сите жители на овој град без разлика од која националност се. Знам и за кафаните и за различните јазици на кои се говорело во Скопје (кај нас дома се зборуваше и влашки и еврејски, освен македонски).

Од приказните знам и за куќата во која е родена Мајка Тереза и црквата „Свети Константин и Елена“ и за плажите во Скопје и за тоа како татко ми научил да плива во Вардар, а потоа стиловите ги усовршувал на Треска и Матка, за детството на Серава, за пријателите Турци, Албанци, Власи, Ерменци.Сите тие со години ни доаѓаа на гости, вратата секогаш беше отворена за сите. Се мешаа јазици, култури, учевме да сакаме.

Скопје е град на различни култури, секој кој доаѓа си ги носи и своите навики, а Скопје космополитски ги прима сите. А, тие, кои нема да се навикнат на него, си заминуваат.
Моето Скопје од детството се улиците во Кисела Вода и чичко Миле од каде што купувавме сладолед и лимонада, Жена-парк, Градскиот парк и Луна парк. Во гимназиските денови тоа беа „Ким“, „Рекорд“, „Коцка“, „Ван Гог“, „Арарат“, „Џаџо“, „Зи-зи Топ“, „Пони“, па после дискотеките, па журките, Скопската чаршија во која бев секоја вечер, посебно во лето, кога не се договаравме за излегување, туку се среќававме таму, кај „Арарат“, на скалите.

Мирисот е коренот на сеќавањето. Во Скопје тоа е мирисот на печени костени на плоштад, липите во јуни, концерите во МКЦ и во Куршумли Ан, на Саем, Комплексот факултети на Бит-пазар, „Безистен“, долгите летни прошетки по улиците…
Градот на го прават само градбите, туку и луѓето во него, доживувањата, сеќавањата. 
Има милион такви места за кои можам да говорам со саати, исто како што со часови може да дебатираме дали Скопје ни го нуди она што го сакаме – од социјален, културен, естетски аспект.

Градот ќе ви го даде токму она што го сакате, ама треба да знаете што да барате и што да очекувате од него. И затоа не давам никој да ми го плука моето Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top