| четврток, 6 декември 2018 |

Работнички има победнички рецепт за балтичките екипи

Последниот мохиканец на мак-фудбалот на европската сцена, тимот на Работнички повторно готви победнички рецепт за елиминација на екипа од Балтикот. Утре од 20 часот „романтичарите“ пак ќе тргнат од негатива од 0-1 против тим од далечниот север на Европа и повторно со верба дека ќе успеат да анулираат пораз од еден гол разлика на свој терен. Тоа им успеа со Флора од Естонија, а од 20 часот во четврток истата задача е и против летонскиот состав на Јелгава.

„Овој пат верувам дека и јас ќе дадам гол успевајќи да ја искористам уште првата шанса на натпреварот, со што понатака би допринел значително да се олесни задачата на тимот да оди понатаму. Доста беше голгетерскиот пост на претходните три европски натпревари“ – изјави капитенот на Работнички Баже Илијоски.

Темел за оптимизам има поради добрата игра на гости и покрај поразот од 0-1. Работнички покажа повеќе од Јелгава на првиот меч и само среќа и едно невнимание ги спречи дебармаалци да се вратат со поволен исход од Летонија.

„Бевме подобри и во Јелгава, создадовме неколку одлични шанси, но за жал не ги искористивме. Сега верувам дека во Скопје реализацијата нема да затаи. Јелгава е тим кој игра дефанзивен фудбал, и чека шанса од прекин да го загрози противничкиот гол. На специфичен начин изведуваат аут, и тоа се покажува како единствената опасност која може да ја предизвикаат“, вели тим-менаџерот Игор Ангеловски.

Реванш мечот почнува од 20 часот, а победникот од овој двомеч ќе игра со подобриот од двата дуели меѓу Трабзонспор и Диферданж. На првиот дуел во Турција Трабзонспор славеше со 1-0.

rabotnicki  

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top