Делегацијата од Република Македонија на 45-от Фестивал за млади „Џифони Искуство’’ кој се одржува од 17-ти до 26 јули во градот Џифони во Италија, ја претставуваат 12 млади на возраст од 13 до 18 години.
Пет од нив се ученици од интернационалната гимназија НОВА (Теодора Ангелевска, Ана Татабитовска, Ања Димова, Вера Пачоова дал Маскио и Ангела Димеска), двајца се од „Орце Николов“ (Исидора Цветковска и Леон Ристов) и по еден ученик од скопските гимназии „Ѓорѓи Димитров“ (Матеј Станојевиќ), „Раде Јовчевски-Корчагин“ (Анастасија Милковска), „Јосип Броз Тито“ (Ардит Бина), „Никола Карев“ (Евгенија Станкоска) и од прилепската гимназија „Климент Охридски“ (Горан Попоски).
– Како и секоја година, така и оваа младите од жирито ќе имаат можност да се сретнат и да дискутираат со многу интернационални и домашни ѕвезди од светот на филмот, меѓу кои Марк Рафало, Том Фелтон, Мартин Фримен, попознат меѓу младите како Хобитот Билбо Бегинс, Алесандро Барико, еден од најголемите современи автори на италијанската литература, како и едно од најголемите холивудски актерски имиња, познатиот Орландо Блум, соопшти Агенцијата за филм на РМ.
Во рамки на фестивалот, на 25 јули ќе се одржи ден посветен на Република Македонија, на кој покрај делегацијата од 12-те млади, ќе присуствуваат и претставници од Агенцијата за филм, Здружението за ширење на филмската култура Џифони-М и од Министерството за култура на РМ.
– Денот на Македонија ќе опфати ревија на кратки македонски филмови поддржани од Агенцијата за филм, забава во паркот „Холивуд“ наменета за младите присутни на фестивалот, македонска вечер за присутните делегации на фестивалот, на која преку брошури и каталози ќе се претстави македонската кинематографија и Македонија како дестинација за снимање филмови, како и македонски производи вино, сирење, ајвар, малиџано, информира Агенцијата за филм.
Од 21-ви до 23 јули, пак, во организација на „Џифони Искуство“ и Доха Филм Институт ќе се одржи самит посветен на младите и медиумите на кој, покрај претставници од меѓународни организации и институции од повеќе од 20 земји, ќе учествуваат и претставници од Агеницијата за филм на РМ.
На самитот ќе се говори за важноста за создавање на оваа интернационална мрежа чија цел е промоција на културните настани за деца и млади во ерата на новите медиуми и социјални мрежи, поттикнување на производство на аудиовизуелни, креативни и уметнички производи и создавање заедничка стратегија за справување со новите предизвици поврзани со креативноста на постдигиталната ера.
Последниот ден од самитот ќе биде посветен на презентација на нови идеи од сите претставници во мрежата кои се во насока на развој на младите и медиумите, од кои се очекува да произлезат нови заеднички проекти кои ќе се создаваат во идниот период помеѓу земјите-членки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.