Директорот на агенцијата „Секјуритас“, Мирсад Чатиќ, чиишто вработени беа редари на комеморацијата во Сребреница, му се извини на српскиот премиер Александар Вучиќ поради нападот.
Чатиќ во изјава за српски „Блиц“ рекол дека му е жал поради тоа што се случи на 11 јули во Поточари.
– Жал ми е. Подготвен сум да упатам извинување до премиерот Александар Вучиќ и јавноста во Србија, пред сè како човек, но и како Босанец и државјанин на БиХ, кој е често во Белград, и кој е со години работно во Србија. Таму имам огромен број пријатели – рекол Чатиќ.
Иако Чатиќ е доведен во поврзаност со нападот на Вучиќ, тој истакна дека ниту работниците на агенцијата не се лично виновни за инцидентот.
-Како приватна агенција не учествувавме во обезбедувањето на комеморацијата, само помогнавме во одржувањето на овој настан така што на нашите вработени им дозволивме да бидат редари, а тие таму беа под команда на надлежните државни институции – рекол Чатиќ.
Според неговите зборови таа фирма не била вклучена во проценките на безбедносната ситуација и потенцијалниот ризик во Поточари, туку тоа го правеле надлежните државни служби.
Чатиќ додал дека не е запознат со евентуалното постоење план за напад врз српскиот премиер и порачал дека искрено се надева дека напаѓачите на Вучиќ ќе бидат што побрзо откриени и изнесени пред лицето на правдата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.