Рускиот претседател Владимир Путин денеска на холандскиот премиер Марк Руте му кажа дека основањето на меѓународниот суд за процесуирање на луѓето кои стојат зад соборувањето на малезискиот авион на летот МХ17 над Украина ќе биде контрапродуктивно.
Путин детално го објасни рускиот став за прераната и контрапродуктивна иницијатива на голем број земји, вклјчувајќи ја и Холандија, за воспоставување на Меѓународен суд што кривично ќе ги гони поединците кои се одговорни за уништувањето на авионот на малезиската авиокомпанија, соопшти Кремљ, после телефонскиот разговор на Путин и Руте, пренесува Танјуг.
Малезија предложи нацрт резолуција на ОН со барање да се воспостави меѓународен суд што ќе ја утврди одговорноста за уривањето на авионот на летот МХ17, во јули 2014 година, на истокот од Украина, но членките на Советот за безбедност за ова барање немаат единствен став.
Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин ја отфрли нацрт резолуцијата, со образложение дека не одговора на она што навистина се случило, додавајќи дека идејата и основањето на трибуналот е небитна, се додека Холандија и натаму ја истражува несреќата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.