| четврток, 6 декември 2018 |

Шеснаесет конгресмени бараат Кери да се заложи за прием на Македонија во НАТО

Американскиот конгресмен Бил Паскрел, демократ од Њу Џерси заедно соКендис Милер републиканска конгресменка од Мичиген ја предводат иницијатива за испраќање писмо од 16 конгресмени до државниот секретар на САД Џон Кери, во кое се бара американскиот Стејт департмент да се заложи за членство на Македонија во НАТО, иниформира Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

keri

– За време на 24-те години како независна држава, Македонија има воспоставено силно партнерство со САД и НАТО. Македонија има преземено значајни реформи и до 2008 година ги имаше исполнето сите услови кои се неопходни за прием во НАТО. Но, и покрај тоа, Македонија не беше поканета да се приклучи кон НАТО, иако за тоа доби значајна поддршка од 27 од вкупно 28 членки на Алијансата. Со учеството во НАТО мисиите во Косово и Авганистан, како и во мисијата на САД во Ирак, Македонија многу пати има докажано дека е сојузник на САД, пишува во писмото од конгресмените.

Потенцирајќи оти Македонија се соочува со чувствителни проблеми, конгресмените во писмото бараат од државниот секретар Кери да продолжи да се залага за членство на Македонија во НАТО, и сметаат дека сега е вистинскиот момент да се најде решение.

Според нив, влошувањето на состојбата во Македонија може да се припише на наглиот прекин на процесот за прием на Македонија во НАТО.

– Веруваме дека враќањето на вербата дека постои искрена и вистинска можност за прием на Македонија во НАТО ќе придонесе за зајакнување на демократските институции и вредности во оваа држава и ќе ја зголеми стабилноста и безбедноста во регионот, што е во полза на соседните држави на Македонија, укажуваат во писмото до Кери, конгресмените Бил Паскрел, Кендис Милер, Маделин З. Бордело, Ивет Кларк, Курт Клосон, Емануел Кливер II, Гералд Е. Коноли, Пол Кук, Дона Ф. Едвардс, Алси Хејстингс, Еди Бернис Џонсон, Том Марино, Колин Питерсон, Боби Раш, Стив Стајверс и Питер Висклоски.

Од друга страна, доколку напорите на Македонија да се приближи кон НАТО не се препознаат односно наградат, предупредуваат конгресмените, тоа ќе има негативен ефект на процесот на демократизација и ќе ја ослабне заложбата на Македонија во соработката со евро-атлантските институции.

– Ова е особено загрижувачки имајќи го предвид неодамнешното зголемување на руското влијание во регионот. САД мора да го зајакне своето присуство во Македонија, пред дополнително влошување на ситуацијата, истакнуваат конгресмените.

Посета на државниот секретар Џон Кери на Македонија, сметаат 16-те конгресмени, ќе биде силен индикатор за поддршката на Македонија од страна на САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top