МЗТ Скопје и Фени индустри ќе играат во полуфиналето на македонскиот кошаркарски куп, по победите над Струмица, односно Работнички.
Шампионот МЗТ Скопје, кој ја брани и титулата од купот, ја декласира Струмица со 98-51. Резултатска неизвесност немаше, а аеродромци лесно стигнаа до неверојатни +47. Мечот го одбележа враќањето на Ноа Далман кај „металците“, а Американецот одигра солидно, со ефект од 11 поени и 8 скока. Најефикасен беше ветеранот Тодор Гечевски со 15 поени.
Дербито се играше меѓу Фени и Работнички. Поуспешни беа кавадарчани и славеа со 93-89. Крилниот центар Бојан Трајковски беше незадржлив и даде неверојатни 37 поени, со удар од поле 15 од 21. За Работнички, кобна беше повредата на Абукар, во финишот на третата четвртина. Американецот го повреди скочниот зглоб и не се врати во игра.
Пред стартот на решавачкиот период, Фени влезе со предност од 74-67, а потоа поведоа и со 12 поени разлика, 83-71. Сепак, најтрофејниот македонски клуб Работнички не се предаде, одигра добро докрај, а со тројката на Јане Петровски намали на 85-89. Фени го издржа притисокот и се најде во полуфиналето. Покрај Трајковски, одлична партија пружи Вучуровиќ со 25 поени. Кај поразениот тим Зивчевиќ постигна 24 поени, а Абукар за нецели три четвртини стигна до 17.
МЗТ Скопје и Фени задутре од 18 часот ќе играат меѓусебе, во реприза на ланското финале, овојпат една фаза порано.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.