Во рамки на 55-то издание на фестивалот „Охридско лето“, вечерва, 14-ти јули, во 21 часот во црквата Света Софија ќе се одржи концерт на рускиот пијанист Андреј Коробеиников.
Коробеиников кариерата ја почнал на осум години со изведба на првиот рецитал во Баку, Азербејџан. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои прва награда на интернационалниот натпревар за пијано „Александар Скрјабин“ и втора награда на интернационалниот натпревр за пијано „Сергеј Рахмањинов“ во Лос Анџелес, а учествувал на повеќе престижни фестивали во светот. Соработувал со повеќе реномирани диригенти, како Јуриј Темирканов, Владимир Ашкенази, Иван Фишер, Око Каму, Питер Старк, Александар Рудин, Росен Геров, Максим Шостакович…
За Коробеиников камерното музицирање е посебна страст иако најчесто настапува како солист. Соработувал со некои од најголемите виолинисти на денешницата меѓу кои Вадим Репин, Дмитриј Махтин, Алина Ибраимова, виолончелистите Алњксандар Књазев, Јоханес Мозер и Татјана Василева, пијанистите Борис Березовски, Александар Палеј, Икујо Накамичи…
Има свирено во Лондонскиот симфониски оркестар, Националниот оркестар на Франција, Фестивалскиот оркестар на Будимпешта, Чешкиот и Токискиот филхармониски оркестри и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.