| четврток, 6 декември 2018 |

Унгарската војска почна да го гради антиимигрантскиот ѕид

ѕид

Унгарската војска денеска почна да ја крева оградата на границата со Србија, за да го запре приливот на илегални мигранти, јави Танјуг.

Градежните работи почнаа утринава во околината на градот Морахал, каде булдожер го подготвуваше земјиштето за градба.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто претходно изјави дека на Министерството за внатрешни работи му било наложено да се подготви за изградба на оградата висока четири метри во должина од 175 километри на дел од границата со Србија, а која ќе биде крената во осум до 10 области кои, како што наведе, се најизложени на притисокот на имигрантите.

Парламентот на 6 јули и одобри на Унгарија да искористи 10 метри простор во рамки на надворешните граници од Шенген зоната на ЕУ за да обезбеди брза изградба на пограничен ѕид, потсетува Танјуг.

Владата соопшти дека за изградба на оградата ќе издвои речиси 21 милиони евра.

Од почетокот на годината во Унгарија веќе се влезени околу 80.000 мигранти и бегалци, а во моментов околу 80 отсто од нив потекнуваат од земјите кои се на удар на воените дејствија како Сирија, Ирак и Авганистан, наведуваат американските медиуми.

Повеќето од нив бараат азил во Унгарија, но брзо, и пред барањата да им бидат разгледани, заминуваат во други, побогати земји од Европската унија, како Германија и Шведска, заклучуваат американските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top