| четврток, 6 декември 2018 |

Тврдината во Алепо оштетена во експлозија на бомба

Експлозија на бомба во тунел во близина на тврдината Алепо денеска оштети еден од ѕидовите на средновековното утврдување, што се наоѓа на листата на светско културно наследство на УНЕСКО, јавуваат сириските медиуми.

alepo

Во експлозијата е оштетен дел од ѕидот на тврдината од 13. век во центарот на градот, јави државната агенција САНА и Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон.

– Силна експлозија се слушна во сабота по полноќ, предизвикана со кревање во воздух на еден од тунелите во Стариот град, во близина на тврдината Алепо, се наведува во соопштението на сириската опсерваторија.

Засега не е познато кој стои за нападот. По експлозијата веднаш почнале судири меѓу бунтовниците и владините сили, кои се борат во северниот сириски град, изјави шефот на организацијата Раами Абдел Рахман.

Државната агенција САНА јави дека тунелот е кренат во воздух од терористи, како што сириската влада и медиуми ги нарекуваат разните оружени групи што од 2011 година војувата против претседателот Башар ал Асад.

Алепо изминатите три години е поделен на западен дел што е под контрола на владините сили и источен дел, под контрола на бунтовниците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top