Вистинската опасност за појава на нова глобална финансиска криза не доаѓа од Грција, туку од Кина, пишува „Нова Македонија“. Со ваков став вчера се огласија повеќе реномирани странски аналитичари и медиуми, кои реагираа на драстичниот пад на вредноста на акциите на повеќето компании што котираат на берзите во Кина. Турбуленциите на берзите долеваат дополнително масло на потенцијалната криза, со оглед на тоа што земјата, која е втора по големина економија во светот, почна економски да слабее, по цела деценија висок економски пораст.
Од средината на јуни курсовите на берзите во Шангај и Шенжен се драстично паднати. На берзата во Шангај индексите паднаа за околу една третина, а само во текот на завчерашниот ден за шест проценти, што е најголем минус за последните 20 години, пишува „Дојче веле“. Преземените мерки од тамошната власт, како намалување на каматите и трансакциските трошоци, како и откуп на хартии од вредност во обем изразен со милијарди од страна на домашни брокери како мерка за поддршка досега не донесоа некаков резултат. Курсот на берзата во Шангај продолжи да паѓа, а паниката се прошири и врз други берзи во Азија, како во Хонгконг, Јужна Кореја или Индонезија. Турбуленции ги зафатија и пазарите на суровини. На девизните пазари многу вложувачи пребегаа кон јапонскиот јен, кој се смета за „сигурно пристаниште“ во Азија.
Регулаторната комисија за хартии од вредност на Кина во средата објави дека акционерите што поседуваат повеќе од пет отсто од капиталот на одредена компанија нема да можат да ги продаваат акциите во следните шест месеци. Во комисијата најавија дека сурово ќе се пресметаат со инвеститорите што ќе ја прекршат забраната. Сепак, ваквата забрана не може да има којзнае какво влијание врз странските институционални инвеститори, бидејќи ретки се тие што поседуваат над пет отсто во компаниите што котираат на берзите во Шангај и Шенжен.
Додека во САД и во Европа тактот на берзите го диригираат професионалци, во Кина околу 85 проценти од трансакциите ги вршат приватни лица, пишува „Дојче веле“. Тие влегуваат и во големи ризици: многу е раширена појавата со позајмени пари да се купуваат финансиски продукти кај кои со минимални износи можат да се придвижат големи финансиски волумени.
– Таканаречениот „марџин лендинг“ им овозможува високошпекулативна трговија на ситните вложувачи со „тенок паричник“. Поттикнати од таквите ризични обложувања курсевите во Кина со месеци бележеа подем – сѐ до јуни. Во периодот од лани во ноември до јуни годинава плусот на берзанските курсеви изнесуваше околу 150 проценти, па мнозинство пазарни експерти зборуваа за шпекулативен балон на кинеските акции – се вели во анализата на „Дојче веле“.
Владата се обиде со многубројни мерки да го „лади“ пазарот што се вжештуваше: беа заострени условите за зделки со позајмени пари и од инвеститорите се бараше да положат повисоки гаранции. Но духот излезен од шишето не можеше толку лесно да биде вратен назад во него. Се проценува дека и натаму има позиции со „марџин лендинг“ во обем од околу 587 милијарди евра, што е, на пример, соодветно на годишните севкупни стопански постигнувања на Швајцарија.
За да ги заштити пазарите по најновиот пад на курсот, Кина натамошно ги отвори „славините“ за пари. На крајот на јуни Централната банка ги намали каматите – четврти пат од ноември наваму и на одредени банки им го олесни доделувањето кредити. Такво двојно монетарно олеснување последен пат имаше во 2008 година, на врвот од светската финансиска криза.
Инаку, крах на берзата би ги повлекол со себе банките, потрошувачката и претпријатијата и би предизвикал социјална нестабилност. Минатиот викенд дојде поддршка и од 21 водечки брокер и понудувачи на фондови. Тие имаат намера да инвестираат најмалку 17,3 милијарди евра во хартии од вредност и ништо да не продаваат сѐ додека курсот, кој сега е под 3.800 поени, не достигне најмалку 4.500.
Берзанскиот надзор го намали и обемот на нови емисии на хартии од вредност и покачувањето на капиталот.
– Пекинг екстремно се труди да спречи панични продажби на акции, но уште не може да се зборува за промена на расположението – велат аналитичари од германската покраинска банка СеверЛБ.
Британски „Телеграф“, пак, пишува дека прашањето дали актуелната берзанска криза ќе се претвори во економско топење на Кина ќе зависи од подготвеноста на тамошните власти да преземат нови мерки.
– Политичарите научија две-три работи од 1929 година наваму. Сега знаеме дека вистинската штета во финансиската криза не доаѓа од самиот крах, туку од колабирање на банкарскиот сектор. Берзите се само сигнал за намалување на кредитирањето што допрва ќе дојде. Како и да е, се сомневам дека Кина ги контролира своите банки и пред сѐ таканаречените „банки во сенка“ како што прикажува дека прави – вели аналитичарот Јереми Ворнер за „Телеграф“.
Во анализата во британскиот медиум се вели и дека извозниот модел за економски пораст на Кина се чини дека го достигнал својот природен крај. Претседателот Кси Џинпинг се надева дека порастот ќе го движи внатрешната побарувачка и настојува со реформи за воспоставување слободен пазар да го постигне тоа.
– За жал, докажано е дека тоа е тешка транзиција. Дел од проблемот со слободните пазари е што тие не можат да бидат контролирани. Пропаѓањето е исто толку дел од нивната ДНК колку што се и „бумовите“. Тоа Кина допрва ќе го открие – вели Ворнер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Кина најпосакувана туристичка дестинација во наредното десетлетие
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!