| четврток, 6 декември 2018 |

Туск: Во понеделник би можеле да се разбудиме во поинаква Европа

Откако целиот викенд во Европската унија (ЕУ) преку низа состаноци ќе биде посветен на Грција, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск изјавил дека „во понеделник би можеле да се разбудиме во поинаква Европа“, доколку не се постигне решение за грчката криза.

Грчката влада веќе побара помош од Европскиот стабилизациски механизам, постојаниот фонд, наменет за помош на земјите од еврозоната, а до четврток на полноќ од нејзе беше побарано да достави конкретна реформска програма.

По ова, таа реформска програма мора да биде анализирана од трите институции, кредитори на Грција – Европската централна банка, (ЕЦБ), Европската комисија (ЕК) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Туск изјавил дека пред некој ден имал и телефонски разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

-Разговарав со премиерот Ципрас. Се надевам дека ќе ги добиеме конкретните и сеопфатни предлози од Атина. Доколку тоа се случи, паралелно ќе ни треба и предлог од кредиторите. Реалистичниот предлог од Грција ќе мора да се поклопи со реалистичниот предлог на кредиторите за одржливоста на долгот. Дури тогаш ќе имаме добитна состојба за сите. Во спротивно, ќе имаме летаргична состојба, онаква каква што имаме последните пет месеци, рекол Туск, наведувајќи дека во следните неколку дена ќе биде потребна добра волја, поради тоа што остана уште многу малку време за решавање на грчката криза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top