Франција и Италија го имаат Азурниот брег, Турците, пак, својата Тиркизна ривиера. Стотина мали и големи хотели на југот на Турција, во Кемер, Анталија, Белек или во Аланија, ги отвораат своите врати за гостите кои пристигнуваат од сите страни. Хотелите се полнат, температурата на водата и на воздухот расте, а расте и бројот на гости што сакаат својот одмор да го поминат токму во раскошните хотели на Анталија и на непрегледните плажи на Средоземно Море.
Екипата новинари што престојувавме во Анталија прекрасно се вклопивме во неколкудневната обиколка на најлуксузните хотели во Кемер, Анталија, Аланија, Белек и во Сиде. Не ни недостигаше сонце, море, плажи, амами, базени, градини… Всушност сѐ што видовме, благо речено, се совршени места за одмор, во кои уживавме бидејќи тоа што може да го понуди овој дел на Турција ќе го паметиме цел живот.
Турција е земја на контрасти, убавини, Ориент… Таа успеа да го издигне туризмот на високи гранки, речиси до совршенство, и воопшто не е чудно што токму Турција се вбројува во дестинациите што задолжително треба да се посетат. Ако размислувате одморот да го поминете во Турција, не двоумете се, ќе останете без здив. Но, да тргнеме по ред. Летот од Скопје до Анталија траеше околу еден час и половина, а таму нѐ дочекаа претставниците на „Фибула“, нашиот водич Сами и возачот Али. Заедно со нив тргнавме кон Аланија. Турците Селџуци ја основале оваа населба и пристаништето уште во 18 век. Плажите се долги со километри, од нив најпозната е Клеопатра, а самата Аланија, всушност, е залив со типична медитеранска клима. Обиколката на центарот на Аланија е фасцинантна. Полна е со пазари во кои владее шаренило, сувенири, златарници и автентична турска стока. На булеварот „Ататурк“ има многу дизајнерски продавници со мошне поволни цени, како и продавници со кинеска стока и повторно безброј хотели. Секој што сака ноќен живот, овој град му ветува многу. Келнерите ги довикуваат минувачите да влезат во нивниот ресторан или кафуле и речиси секого го прашуваат од каде доаѓа. Најмногу се слушаат руски, чешки, полски, норвешки и германски јазик. Се разбира, кога ќе кажете дека сте од Македонија, следува широка насмевка и „О, Македонија кардаш“, но затоа, пак, не ви дозволуваат да заминете додека не купите нешто од нивната продавница. Од сувенирите се издвојува карактеристичниот симбол на тиркизно сино око во облик на приврзок, алки, сувенири…
Рестораните покрај пристаништето нудат богат избор на јадења, а задолжително треба да се проба турски чај од јаболко и баклава.
Во Аланија секој посетител треба да ја посети тврдината чиишто ѕидини се простираат околу шест километри и имаат стотина кули и утврдувања. Мештаните раскажуваат мошне интересна приказна за освојувањето на овој залив. Според легендата, султанот на Селџуците во 1221 година го обиколил Корекесион (како што тогаш се викала Аланија) и барал од народот да го предаде градот. Но, неговите војници биле само една петтина од вкупниот број жители на градот и султанот се сетил да направи една итроштина. Им објавил на мештаните дека доколку не го предадат градот, ќе ги нападне 100.000 војска. И навистина Турците Селџуци ноќта се собрале пред ѕидините на тврдината, а на роговите од илјадници кози заврзале факли со оган. Кралот на Аланија морал да го предаде градот. Така Аладин Кејкубат, турскиот султан, го извел еден од најинтересните блефови во историјата.
Во Аланија треба да се посети и пештерата Дамлаташ, која е длабока 18 метри, а се верува дека настанала пред околу 15.000 години. Во неа може да се видат сталагмити и сталактити со исклучителна убавина. Воздухот во пештерата им годи на лица што имаат бронхитис и асма. Исто така, треба да се посети и Аладиновата џамија, изградена во 16 век, која со своите три куполи претставува еден од најдобрите примери за резбарење во дрво.
Денес Аланија се смета за еден од најистакнатите центри на турскиот туризам. Бројот на жители на овој град изнесува околу 200.000, а преку лето тој број се зголемува два-три пати.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.