| четврток, 6 декември 2018 |

Банкарите децидни, парите на граѓаните се сигурни

Градовите што граничат со Грција веќе ја чувствуваат грчката криза. Грчките премини ги поминуваат сѐ помалку Грци, кои порано пазареа во Битола и во Гевгелија, а сега поради недостигот од финансии речиси и ги нема во пограничните градови, иако имаше информации дека има наплив на грчки пазарџии во Македонија. Засега лошата финансиска состојба сѐ уште нема предизвикано застој во деловната соработка меѓу фирмите на Македонија и на Грција. Стручњаците убедуваат дека случувањата во Грција, нема да затворат дел од фирмите, ниту да го загрозат работењето на  банки со грчки капитал, кои се во земјава

Кризата во Грција го достигнува врвот. Банкротот на нашиот јужен сосед ги загрижува сите бидејќи последиците од тоа ќе ги почувствуваат и граѓаните на Грција, но и туристите и бизнисмените и другите, кои на каков било начин се поврзани со оваа земја. Ударот на грчката криза најмногу ќе ги погоди земјите-членки на Европската унија, но упатените нагласуваат дека, ако не директните, тогаш индиректните негативни ефекти ќе ги почувствува и Македонија. Штедачите се во грч, исплашени за сигурноста на своите заштеди во грчките банки во Македонија, иако банкарите и Народната банка уверуваат дека парите на клиентите се и ќе останат сигурни и заштитени. Градовите, пак, што граничат со Грција веќе ја чувствуваат грчката криза. Грчките премини ги поминуваат сѐ помалку Грци, кои порано пазареа во Битола и во Гевгелија, а сега поради недостигот од финансии речиси и ги нема во пограничните градови, иако имаше информации дека има наплив на грчки пазарџии во Македонија. Засега лошата финансиска состојба сѐ уште нема предизвикано застој во деловната соработка меѓу фирмите на Македонија и на Грција. Стручњаците убедуваат дека случувањата во Грција нема да затворат дел од фирмите, ниту да го загрозат работењето на  банки со грчки капитал, кои се во земјава. Домашните стручњаци сметаат дека фирмите во Грција може да го пренесат капиталот во Македонија, а тие што веќе работат тука да ги зголемат инвестициите.

– Фирмите инвестирале тука поради стабилни услови за бизнис. Грција може да се соочи со излегување од еврозоната и враќање на драхмата со нејзино девалвирање, со поттикнат извоз и поскап увоз. Во таков случај, фирмите би можеле да ги засилат своите инвестиции во земјава – смета професорот Томе Неновски.

Тој повторно убедува дека не се загрозени  ниту банките со грчки капитал што работат во земјава. Ако сакаат да го извлечат капиталот, ќе мора да го стават на берза и да најдат нов инвеститор. Со тоа се менува само сопственичката структура на банката, а сите депозити и капитал остануваат тука.

– Банките во земјава работат според македонски закони. Законски е дозволено само еден мал дел од 10 проценти од вкупниот капитал да го извлечат мајките-банки, но сè друго од пари останува во земјава – додава Неновски.

Банкарите убедуваат дека ситуацијата е под контрола. Според нив, конзервативноста на банкарскиот систем во земјава во вакви и слични ситуации се покажал како добар.

Од банките велат дека дел од клиентите доаѓаат на шалтерите и се интересираат како грчката криза ќе се одрази врз нивните пари, но дека засега не се повлекуваат позначајни суми. Тие уверуваат дека клиентите треба да бидат сигурни дека нивните пари се пласирани во кредити кај македонски граѓани и компании, или во државни хартии од вредност во земјава.

ekonomija148-2

Од Стопанска банка – Скопје убедуваат дека банката го зацврстува работењето во Македонија. -Стопанска банка– Скопје уште еднаш би сакала да потврди дека како независно правно лице што работи во рамките на законската регулатива на Македонија, целосно почитувајќи ги мерките на Народната банка на Македонија, продолжува со извршување на редовните банкарски активности, при што сигурноста и стабилноста на депозитите останува на највисоко ниво – се вели во соопштението што деновиве го испрати Стопанска банка – Скопје.

И гувернерот Димитар Богов нагласува дека банкарскиот сектор во Македонија е отпорен на секаков шок што може да се случи поради ситуацијата во Грција. Тој нагласува дека нема повлекување на депозити и дека сите банки и банкомати во државата работат нормално. Богов уверува дека и во најцрното сценарио, доколку банкарскиот сектор во Грција пропадне, тоа нема да се одрази врз домашниот банкарски сектор.

– Доколку дојде до крах на банкарскиот систем во Грција тоа ќе биде многу лоша ситуација за грчката економија, меѓутоа во Македонија тоа нема да се одрази воопшто. Нашиот банкарски систем ќе продолжи да функционира без никакви последици. Тие банки што се во грчка сопственост се домашни банки, кои работат според нашата регулатива и тие ќе продолжат да работат. Единствено може да го променат сопственикот – нагласува гувернерот Богов.

Од банките велат дека се придржуваат до мерките што ги воведе централната банка на Македонија. А тоа значи дека банките на дневна основа го повлекуваат вишокот пари, кој го имаат во грчки банки или нивни подружници во други земји. Се извршуваат само плаќањата што, обично, ги имаат компаниите. Но, освен плаќањата на дневна основа, НБРМ и на македонските компании им забрани да вршат заеми кон грчки фирми.

– И за банките и за компаниите важи дека не можат да вршат заеми, вложувања во компании во Грција. Контролата е кај банките. Бидејќи банките ја вршат контролата со платниот промет и тие треба да водат сметка за што оди таа трансакција во Грција, што е над 10.000 евра. Банките имаат обврска на дневна основа да ја известуваат НБРМ, секој ден до 12 часот за трансакциите од претходниот ден, а ние ќе вршиме дополнителна проверка – објасни гувернерот Димитар Богов.

Народната банка на Република Македонија презеде заштитни мерки со привремен карактер заради превенција од опасноста евентуални позначителни одливи на капитал од Република Македонија кон Грција, кои би можеле да предизвикаат позначително нарушување на рамнотежата во билансот на плаќања и нарушување на стабилноста на финансискиот систем. Мерките се воведуваат со рок на траење најмногу од шест месеци.

Како и да е, ситуацијата со Грција е неизвесна и секој ден се менува, поради што не се знае што може да се случи утре, па секоја мерка на внимателност е добре дојдена, посебно за македонските граѓани што патуваат во Грција. Најсигурната варијанта, ако се патува во Грција е да се има готовина и полн резервоар.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 148. број на неделникот „Република“, 3.07.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top