| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија и Унгарија ќе ја продлабочуваат соработката во земјоделството

зем

Има простор и интерес за продлабочување на соработката во земјоделството, оценија денеска на работниот состанок државниот секретар на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство Бесир Јашари и државниот секретар за економска дипломатија на Унгарија Левенте Маѓар.

Потврда за тоа, истакнаа, е и досегашното искуство кое може да биде дополнето и со изработка на кафилерија. За ваков проект во Македонија, веќе има интерес од една унгарската фирма.

– Мора да направиме и ќе направиме кафилерија, што е обврска на државата. За фабриката за производство на нус производи е определена локација од страна на Владата и во тек е изработка на физибилити студија. До крајот на годинава треба да го имаме финалниот и најповолен концепт – истакна Јашари.

Воедно информира за стратегијата за македонското земјоделството, како и дека годишно земјата издвојува 150 милиони евра субвенции.

– Македонија има четири извозни стратегиски производи за кои даваме субвенции, виното и тутунот за кои имаме и закони, овошјето и зеленчукот, како и јагнешкото месо – додаде Јашари.

Маѓар, кој ја предводеше унгарската делегација во која беше и амбасадорот на Унгарија во Македонија Јозеф Бенце, истакна дека земјоделството е најперспективна извозна гранка во нивната земја.

– Имаме неколку производи со светски квалитет и ги нудиме како основа за соработка со Македонија. Но, секако, заинтересирани сме и за тоа што Македонија има да го понуди. Знаеме дека Македонија има потреба од увоз на одредени видови месо, семенски материјал, а имаме и два милиона тони жито за продажба. Не се сомневам дека ќе најдеме интересни теми за продлабочување на веќе изградената соработка – рече државниот секретар за економска дипломатија на Унгарија.

На состанокот беше предложено и да се направи меморандум за соработка меѓу двете земји кои во 2011 година потпишаа Договор за економска соработка, за што постои и посебна работна група за земјоделство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top