За разлика од преговорите за таканаречениот нишки договор, кој речиси тајно беше потпишан во мај 2002 година, а за него не знаеше речиси никој освен врвот на Македонската православна црква, сега тројцата „вечни“ преговарачи на МПЦ-ОА ќе бидат на око на целата заинтересирана јавност. Тројцата преговарачи, шефот на тимот владиката Петар и владиците Наум и Тимотеј, како и епископот Климент, кој ќе биде секретар во преговорите, немаат право на нови грешки. Тие мора да бидат свесни дека што и да се случи, тие ќе бидат критикувани од македонската јавност. Тие што се против контроверзниот нишки договор како основа за преговорите веќе имаат причина за критика. Тие што ја сметаат црквата како нераскинлив дел од македонската нација ќе бидат лути доколку МПЦ-ОА фати исклучиво канонски пат и тргне по линијата за која се залагаат СПЦ и луѓето на Вранишковски. Незадоволни ќе бидат и тие што очекуваат наредната година во Истанбул МПЦ-ОА да биде на дневен ред на Вселенскиот собор на кој, како што сега стојат работите, нема никакви шанси автентична автокефална Македонска црква (без српско влијание) да биде признаена од најголемиот дел од православниот свет. Затоа четворицата владици, каде и да се случуваат преговорите, мора да бидат подготвени на сè, но, пред сè, на фер решение кое ќе се базира на православните канони, но и на македонската црковна традиција и реалност. Во суштина, се работи за невозможна мисија освен доколку српските владици во меѓувреме не разбрале дека секаков договор надвор од поширокиот национален консензус ќе значи крај на кариерите на преговарачите и на нивниот шеф, поглаварот г.г. Стефан.
Во овој контекст, се разбира, една од целите на српскиот преговарачки тим е пред македонската јавност да ги прикаже преговарачите како предавници и свесно да предизвика негативни реакции во Македонија за да ги урниса или да ги наведе во друг правец преговорите. Затоа во наредниот период мора внимателно да се следат медиумите во Србија, особено блиските до СПЦ преку кои патријархот Иринеј, можеби, ќе се обиде да ја зацврсти преговарачката позиција. Најдоброто сценарио за Македонија е врвот на СПЦ навистина да сака да ја прифати МПЦ-ОА во православното семејство. Доколку српскиот тим настапува со таква волја и дух, доколку не настапи како надреден, туку како субјект на рамна нога со македонските владици, тогаш има надеж. Врвот на СПЦ мора да разбере дека за Македонците понекогаш многу поважни прашања, од тоа дали се работи за автокефална, автономна или независна црква, се начинот на кој другите се однесуваат кон неа. Доколку СПЦ продолжи со надменото и одвреме-навреме агресивно држење, во кое сака од Белград да наметнува егзархии, владици и архиепископи, тогаш преговорите треба да завршат уште на првата средба. Доколку, пак, српските владици ги прифатат македонските преговарачи како рамни на себе и како претставници на православни верници кои не се ништо помалку вредни од тие што се во православно единство со сите останати помесни цркви, тогаш и вокабуларот може да биде помалку важен. Се разбира, како ќе се користат термините во преговорите и во евентуалното заедничко решение е најважното прашање, но, сепак, во целата слика важен елемент ќе биде и контекстот врз основа на кој ќе суди македонската јавност. А таа, иако формално има мало влијание врз МПЦ-ОА и нејзините одлуки како конститутивен елемент на единствената прифатена национална црква, ќе сака преку виртуелен референдум да го одобри тоа што ќе го договорат преговарачите.
Догматски гледано, во право се тие што велат дека не треба да се мешаат црковните, националните и државните работи. Но, тоа е можно само во САД или во Германија, каде што верниците имаат законска обврска да плаќаат црковен данок во висина од 9 (8) % од своите примања. Во Македонија, каде што во 19 век и во почетокот на 20 век во недостиг на државни институции одредени националноактивни свештеници помогнале да се изгради национална свест и каде што црквата се доживува како втора држава, оваа поделба не важи. Затоа од особена важност е да се следи еден од свештениците на Вранишковски, отецот Давид, кој ќе биде од другата страна и во преговорите ќе ги брани позициите на СПЦ. Речиси е сигурно дека тој како основа за преговорите ќе ја има тезата за религијата и нацијата како две сосема различни работи што, ако биде прифатено, може да има несогледливи последици врз други процеси кои се одвиваат во моментот.
Македонските владици мора да знаат дека нема да преговараат само со СПЦ, туку и со целиот блок грчки цркви кои се директно засегнати од преговорите. Треба да се знае дека нишкиот договор, освен од МПЦ-ОА, беше отфрлен и од грчките цркви, и тоа само поради тоа што во еден дел се спомнува „Православната црква во Република Македонија, Охридската архиепископија и нејзините епархии во дијаспората“ што за нив е неприфатливо од две причини: именувањето на земјата и користењето на наследството на Охридската архиепископија. Владиците не смеат да ја исклучат можноста во српско-македонските преговори на дневен ред да бидат и интересите на грчката црква која, како што е познато, е и уставно поврзана со грчката држава со која, пак, Македонија води друг вид преговори. Во тој контекст, постои опасност СПЦ иако како основа на преговорите ќе ја користи нишката спогодба, од неа да се обиде да ги извади деловите за кои се знае дека нема да бидат прифатливи за грчкиот блок на кој било Вселенски собор. Очекувано е дека грчкиот блок цркви веќе им пренеле на своите српски пријатели дека секое именување во евентуален нов договор на земјата како Република Македонија ќе биде блокирано.
Русија активен набљудувач
Една од работите што можат да им одат од рака на преговарачите за да дојдат до договор полесно е активниот однос што го има Руската православна црква кон преговорите. Тие, всушност, се случуваат откако од затвор беше ослободен Вранишковски, по што СПЦ се согласи да преговара. На поглаварот на Руската црква, патријархот Кирил, во пресрет на Вселенскиот собор и како одговор на иницијативите на поглаварот на Католичката црква, му е потребен успех, сметаат познавачите на процесите во православниот свет. Кирил, кој во диптихот на православниот свет е пониско рангиран од патријархот Вартоломеј, сака да се покаже како повлијателен од неговиот формален шеф, првиот човек на Цариградската патријаршија, и затоа има голем интерес да ја стави МПЦ-ОА на мапата на канонски признати цркви.
Пристигнувањето на специјалниот пратеник на поглаварот на Московската патријаршија во Скопје минатата година и подоцнежното ослободување на Вранишковски сигурно не е крајниот планиран резултат што го очекува РПЦ. Иако мисијата е тешка и речиси невозможна, руски извори велат дека сè уште има шанси в година во Истанбул пред православниот свет да биде претставена нова канонска призната црква, со што ќе се даде нов дух во решавање и на други спорови во православието. Колку овој оптимизам е реален треба да се знае најдоцна до крајот на септември кога ќе се прави дневниот ред за следниот Вселенски собор.
Пишува: Горан Момироски
(Текст објавен во 148. број на неделникот „Република“, 3.07.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.