| четврток, 6 декември 2018 |

Мареј ќе се обиде по 2,5 години да го победи Федерер и да се пласира во финалето на Вимблдон

Денеска на програмата на неофицијалното светско првенство во тенис, Вимблдон се полуфиналињата во машка конкуренција.
Целокупната тениска јавност ќе биде насочена кон второто полуфинале меѓу Роџер Федерер и Енди Мареј.
Домашниот тенисер ќе ја има поддршката од публиката во обидот да се пласира во финалето, но на патот до успехот против себе ќе го има најдобриот тенисер на сите времиња и најдобар тенисер на Вимблдон во историјата, Роџер Федерер, кој дури седум пати се радувал на титулата.
Федерер е во одлична форма и повторно ќе се обиде да го нападне насловот. Во прилог му одат и бројките против Мареј, кој, пак, не успеал да го победи популарниот Федекс во последните 2,5 години. Последната победа која Мареј ја остварил над Федерер е на ОП на Австралија во 2013 година.
Нивниот последен дуел беше на мастерсот во Лондон кога Швајцарецот буквално го демолираше Мареј со 6-1 и 6-0.

– Не се залажувам со таа победа бидејќи Енди беше апсолутно преморен на тој меч во Лондон. Тој ги освои претходните три турнири на кои учествуваше играјќи речиси секој ден и кога дојде ред да се сретне со мене, веќе немаше сили. Да бидам искрен, одиграв одлично, но во тоа ми помогна и фактот дека на другата страна од мрежата го немаше вистинскиот Енди Мареј. Овојпат тоа нема да биде случај и знам дека морам да играм најдобро што знам за да забележам победа – изјави Федерер.

Швајцарецот води со 12-11 во досегашните меѓусебни дуели против Мареј, а во единствениот досегашен дуел на Вимблдон славеше над овој ривал во финалето во 2012 година.

Во првото полуфинале, кое треба да почне од 14 часот, се среќаваат првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ и Французинот Ришар Гаске. Ѓоковиќ е апсолутен фаворит бидејќи во нивните 12 досегашни меѓусебни дуели славел на 11.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top