1.
Решителното грчко „не“ значеше исцртување црвена линија која Грците не можат да ја преминат во враќањето на долгот без притоа да си го погазат достоинството. За сите останати тоа е безобразен обид на Грција да ја поништи сметката од неколкудецениското неконтролирано трошење без да ја плати. Колку и да смета светот дека ставот на Грција е дрзок и неиздржан, не може да се занемари фактот дека речиси две третини од Грците ја одбија понудената рака од кредиторите иако тоа за нив може да значи уште поголема криза. Затоа, и покрај гневот во Брисел, западната демократија призна дека мора да се почитува волјата на граѓаните на Грција. Сепак, последната понуда за помош на Брисел по референдумот беше далеку полоша од претходната и имаше услов – излез од еврозоната. Дали грчкиот инает овој пат ќе им се удри од глава на нашите соседи ќе видиме во блиска иднина. Единствено на што ние, Македонците можеме да им позавидиме е единството со кое ги штитат гордоста и националните интереси по секоја цена (дури и кога не си во право, како Грција во случајот).
2.
Факт е дека аршините на западната демократија се сосема поинакви кога станува збор за Македонија, но, сепак, барем хипотетички интересно е да се постават следниве прашања: како би реагирале во Брисел ако утре на референдум две третини од Македонците ги отфрлат уцените за промена на името како услов за почеток на преговорите за членство и побараат од земјите-членки да нѐ признаат под името на државата кое го одбрале граѓаните на Македонија? Дали германската канцеларка и тогаш ќе каже: „Мора да ја почитуваме волјата на Македонците“? Каков одговор ќе добиеме од ЕУ и од НАТО ако огромното мнозинство македонски граѓани на референдум бараат да се стопираат реформите сѐ додека не се спроведе пресудата на судот во Хаг? Дали тогаш овие организации кон чиешто членство се стремиме ќе побараат почитување на меѓународното право и на волјата на македонските граѓани или и тогаш ќе ја почитуваат волјата на грчките политичари?
3.
Андонис Самарас поднесе оставка од лидерската позиција во Нова демократија по неуспешниот обид да ги убеди Грците да ги прифатат строгите мерки за штедење. Подмладокот и дел од членовите на партијата оцениле дека поразот е јасен сигнал за смена на политичкото лидерство. Самарас ја помина црвената линија на толеранција кај членството, но ниту тој ниту кој друг било опозициски политичар не се дрзна да го обвини грчкиот народ дека донел погрешна одлука или, пак, да ги нарече граѓаните „глупави идиоти“. Опозицијата во Македонија губи десет пати со ред, а членовите и нејзиниот подмладок ниту еднаш за овие девет години не поднеле иницијатива за промена на лидерството во своите денови. Очигледно, во СДСМ така замислуваат и во иднина да ја практикуваат демократијата ако еден ден повторно дојдат на власт. Наместо одговорност во своите редови, нашата опозиција секојдневно ги напаѓа и навредува граѓаните очекувајќи со примена на сила и заплашување да ги натера да ја променат својата волја. Ефектот од оваа тактика го покажува и последната анкета на ИРИ.
4.
Затоа што девет години никој на „Павел Шатев“ (некогаш Бихакќа) не побара одговорност од раководството, денес имаме опозициска партија која не само што нема намера да го смени курсот на дејствување, туку и влијае штетно врз реформските процеси во државата. Партијата е во хаос, раководството е без компас, а лидерот без јасни ставови и без чувство за сериозност по ниту едно прашање од национален интерес. Освен по едно – кога треба да ја спасува сопствената кожа. Така, човекот кој без око да му трепне тврдеше дека е подготвен да ја свитка кичмата за да го смени името на државата, исполнувајќи ги желбите на Грција, сега сосема цврсто се држи до своите црвени линии во преговорите со власта за излез од кризата. Очигледно дека Заев е многу попрагматичен кога преговара за национални прашања и за судбината на македонските граѓани отколку кога е во прашање неговата иднина.
5.
Ценетиот професор Денко Малески смета дека апсењето на водачот на опозицијата, кој не се претставува само себеси, туку претставува еден значаен сегмент на македонското општество, е рушење на демократијата и вовед во немири! Дали со тој став професорот сака да каже дека Зоран Заев е над законот? Ако на Заев му е дозволено да прави што сака затоа што претставувал „значаен сегмент од општеството“, тогаш какви бенефиции за кршење на законите треба да има премиерот зад кого стои неколкукратно „позначаен сегмент од општеството“? Нормално – никакви. Ни едниот ни другиот.
Ако професорот и неговите истомисленици сметаат дека Македонија треба да има бели мечки меѓу политичарите, тогаш тоа мора и законски да се регулира. Така во иднина Заев и сличните на него ќе имаат закон на кој ќе можат да се повикуваат кога ќе решат со нелегални средства да го уриваат државниот поредок. Шегата на страна, опасна е тезата да се тврди дека некој во државата е над законот. Сите, вклучувајќи ги и лидерот на опозицијата и лидерот на владејачката партија, мора да бидат еднакви пред законите во државата заедно со сите други граѓани и да одговараат за сторените кривични дела. Сѐ поинакво не би имало никакви допирни точки со демократијата.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.