| четврток, 6 декември 2018 |

Книгата сепак не е заборавена категорија

Ова е време кога младите се растргнати меѓу книгата и компјутерот. Велат дека имаат воља, но најчесто немаат време за читање. На прашањето колку би било погубно за едно општество доколку луѓето не читаат доволно книги, психолозите велат дека е тешко да се очекува читателски напредок во општество на транзиција каде што е примарна елементарната егзистенција…

И ова лето Клубот „Матица“, по 16 пат, ја започна кампањата „Со книга на плажа“, со поднаслов „Сонцето пишува нови страници“, во која се нудат дела од светски и од домашни автори.

-Целта и идејата на манифестацијата е создавање, негување и проширување на читателската публика во земјава,вели Дејан Павлески.
Според Павлески, искуствата и резултатите од минатите години говорат за интересот и континуираниот раст на читателската публика. „Со книга на плажа“ прерасна во настан со кој во изминативе години успеале да создадат бројна читателска публика чиј интерес за пишаниот збор од ден во ден е се поголем. И на еден начин се потврдиле нивните предвидувања дека за успех е потребно време, труд и многу работа. Што значи дека за да се создаде традиција потребно е и да се негува истата.
Клубот „Матица“ годинава со акцијата, на своите членови и читателската публика им нуди нови наслови од издавачката продукција во Република Македонија, соседството, како и од светската книжевна продукција.

150511141148-beach-read-large-169

Но, тука е и интерната анкета која традиционално се спроведува и преку која од испитаниците се бара да го изберат хитот на летото. Секако во анкетата покрај понудените наслови и автори, бил оставен простор и за сопствен предлог на читателите за книга на летото. Резултатите од анкетата покажуваат дека за хит на летото е прогласена книгата „Сеќавање на љубовта“ од Алисон Ричман. Покрај книгата на Ричам понудени се и: Дивина“ од Шерил Стрејд, „Овој живот од триесет и некоја“ од Џон Ренс, Бездомникот со златен часовник“ од Верче Карафилоска, „Девојчето од гребенот“ од Лусинда Рајли и „Небезбедни куќи“ од Линвуд Баркли. Читателите избираат и најразлични теми, па така најмногу преферираат според анкетата научна фантастика, па драми и љубовни романи, авантуристички романи и на крајот се определиле за трилери.

Дали книгите можат да бидат „лек за душата“? Дали како општество ги цениме книгите и колку читаме денес? …Анкетата покажува дека најголем број читатели сметаат дека со читањето се збогатува јазичниот фонд. Потоа следува збогатување на духовниот живот, па зајакнување на културата на живеење, го шири погледот кон светот… итн.

images (1)

Кога станува збор за денешните најпродавани книги, некои велат дека тоа се оние книги кои медиумите ги претставуваат дека се токму она што не се. Тоа е интересна констатација, со оглед на фактот дека токму спротивното го покажува оваа анкета. Имено, најголемиот број испитаници рекле дека изборот на книга го вршат по препорака на пријател, па потоа следува името на авторот, па прочитана критика за делото, насловот на книгата,  и на претпоследно место пред бројот на страниците е, рекламата за книгата.

Променет е и односот во избор на книги за читање во последно време. Сега повеќе не читаат само вредни книги од минатото, туку и оние новите наслови. За читателите од анкетата, пресудно за добра книга е, да уживаат додека ја читаат, потоа следува да дознаваат нешто ново за светот околу нив, , па ликовите да наликуваат на нив самите, привлечноста на темата е следниот избор и на крај е причината-книгата што ја читаат да потврдува она што веќе го знаат.

Кога станува збор за предноста на книгите, психолозите велат дека книгата поттикнува имагинација и критичко мислења кај децата, а со тоа влијае на нивниот интелектуален и емоционален развој.

beach-reading

-Читањето ни овозможува да го збогатиме речникот, да ја подобриме концентрацијата и развиеме емпатија, а новите истражувања покажуваат дека на тој начин може значително да го намалиме и нивото на стрес. Читањето исто така може да дејствува и како „лек за душата“ бидејќи иницира различни психолошки процеси кај читателите, сите се соочуваме со различни животни ситуаци и во такви околности бараме утеха, смисла и потврда дека и другите имаат доживеано нешто слично, вели еден психолог.

Оттаму најголем број читатели на прашањето „Што ги поттикнува да читаат“? одговориле дека едноставно сакаат да читаат, други, пак, несвесно читаат откако ќе здогледаат текст, некои ги инспирира, расонува или заспива книгата и читањето…

Читањето  може да ни даде различна перспектива на гледање на проблемите, да го прошири видикот и да понуди бројни алтерантиви или просто да ни понуди краткотрајно, но понекогаш неопходно бегство во некој друг свет.Поради сфаќањето дека читањето книги има дејство на металното здравје на читателот, луѓето ја измислиле појавата „Библиотерапија“ која подразбира умерено користење на литература во третман на различни психолошки проблеми. Таа во САД и Велика Британија се користи како самостојна терапевтска метода.

Понекогаш и самиот разговор со пријатели за книга која сте ја прочитале или тие ја прочитале може да го има истото дејство. Најголем број од анкетираните одговориле дека мошне често разговараат со пријателите за прочитаните книги. Тоа уште еднаш ја потвордува нивната потреба за поинакво гледање на проблемите…Некои разговараат за книги на социјалните мрежи, други поретко или воопшто не разговараат, но дејството на книгата врз менталното здравје на читателот останува.

Сепак, според поголемиот дел од добиените податоци од оваа анкета може да заклучиме дека книгата сепак не е заборавена категорија.

 

 

 

 

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top