Четврта година по ред Министерството за здравство во соработка со сите здравствени домови во државата организира пунктови за бесплатни превентивни прегледи и совети за превенција од топлото време.
Почнувајќи од денеска, пунктовите ќе функционираат секој ден (вклучувајќи и сабота и недела), во периодот од 18.30 до 21.30 часот, на точно определена локација во секој град. Распоредот на локации за бесплатни превентивни прегледи за топлото време е објавен на веб-страната на Министерството за здравство.
Превентивните прегледи, како и изминатите години ќе се вршат на локации каде што има поголема фреквенција на движење, како што се: градските плоштади, паркови и слично, во рамки на вкупно 33 здравствени домови низ државата. Во Скопје секој ден ќе има по еден статичен пункт во Центар, на кејот на реката Вардар (зад Владата) и по два мобилни тима кои се распоредени во другите општини во градот (мобилните тимови ќе се ротираат секој ден во две различни општини, и тоа: Ѓорче Петров и Драчево, Карпош и Аеродром, Центар и Бутел, Чаир и Кисела Вода, Гази Баба и Шуто Оризари).
На овие пунктови се врши мерење на крвен притисок, се споделуваат информации за заштита од висока температура и препораки за здрави животни навики. Во текот на акциите на граѓаните им се дели и печатен материјал во форма на брошури за превенција од топлотни бранови, како и вода за пиење, овошје за освежување.
Бесплатните превентивни прегледи на овие пунктови овозможуваат навремено откривање на факторите на ризик за кардиоваскуларни и други заболувања, а воедно ги поттикнуваат граѓаните за навремено и редовно вршење преглед кај својот матичен лекар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.