| четврток, 6 декември 2018 |

Почна Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ во Ресен

Пред Сарајот во Ресен, вчеравчер (6-ти јули) почна 13-от Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“.

Фестивалот беше отворен со врачување на престижното признание „Актер на Еврпа“ за 2015 година на словенечката актерка Милена Зупанчиќ и ново востановеното „Клучевите на Преспа“ на францускиот научник Гзавиер Боне и академик Вера Битракова-Грозданова.

Клуч изработен според орнаменталната традиција на Преспа, признанието „Клучеви на Преспа“ кое почна да се доделува од оваа година Боне го доби за 20-годишното истражување на фауната на влекачите на островот Голем Град, а акадмеик Битракова – Грозданова, за посветените 40 години од својата научна дејност на историските слоеви на минатото на Преспа, од антиката до денес.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој поради службени обврски не беше присутен на отворањето преку порака истакна дека фестивалот повеќе од една деценија достоинствено преку силата на уметноста и културата ја пренесува пораката за обединета Европа, Европа без граници и предрасуди, без нови и стари, без помалку и повеќе европејци.

– Покрај волшебното езеро на тромеѓето меѓу трите Балкански држави каде што се споделува не само простор туку и култура, уметност и цивилизација вечерва и во наредните денови преку бесмртноста на уметноста повторно ќе се сплотат јазиците и културите, традицијата и современото, минатото и иднината, посочува Иванов во пораката.

Наградата „Актер на Европа“ на годинашниот лауреат Зупанчиќ и значи многу повеќе од фестивалските и оние кои ги добивала во нејзината средина каде што ја следат.

– Сметам дека културата и уметноста за Европа е многу битна и затоа треба често да зборуваме. Фестивалот во Преспа и доделувањето на наградата е голема работа, не само за Преспа и актерите, туку за сите, за животот во Европа, рече Зупанчиќ.

На фестивалот, посочи таа, веќе 13 години се дружат Французи, Англичани, Бугари, Албанци, сите од источна и Западна Европа.

– Разликите секогаш не прават побогати, само мора да знаеме да ги чуваме, да се слушаме едни со други, да се почитуваме и се ќе биде во ред. Сите знаеме дека Европа се дружи главно од економски причини, но без уметноста нема да преживее, нема да биде богата, би била сиромашна. Се надевам дека и понатаму ќе се почитуваме едни со други, ќе се сакаме иако мислам дека секој уметник не смее да ги заборави своите корени, своите митови.., рече Зупанчиќ.

Словенечкиот амбасадор во Македонија Бранко Раковец, Зупанчиќ ја оцени како една од најдобрите словенечки театарски и филмски актерки со добар уметнички опус за кој има добиено многу награди.

– Нејзината големина не се искажува само преку наградите, туку и преку фактот дека ја знаат сите генерации словени. Зупанчиќ оствари неколку филмски улоги кои станааа дел од словенечкиот национален идентитет, подвлече Раковец.

Со своите дела и трудови посветени на Преспа и островот Голем Град, објавувани во светски научни медиуми, академик Битракова-Грозданова, според директорот на Фестивалот Јордан Плевнеш, се здоби со еден духовен и научен хоризонт, кој не е познат само во Европа, туку и во светот.

За францускиот научник Боне тој вели дека својот живот го посветил на проучување на мистериите на Преспа. Битракова-Грозданова посочи дека кога почнала да истражува, пред 40 години, условите на островот биле многу тешки, но со помош на колегите и жителите на Ресен успеала да се снајде. За долгогодишното истражување на Голем Град во 2011 година објави публикација, а сега во тек е изработката на втор дел од публикацијата што ќе биде објавен на македонски и англиски јазик.

– Имав прилика да патувам во многу региони во светот, но Голем Град е посебен за мене. За островот слушнав на конгрес за змии, откако се информирав добро дојдов да го видам местото, кое е многу интересно. Тоа е магичен остров каде што има многу зеленило и боите ве опиват. Не знам дали луѓето се свесни за ова богатство што го имаат во средината на Преспанското Езеро, рече Боне.

Присутните ги поздрави градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезоски, според кој, Фестивалот претставува вистински синоним за културно препознавање на Преспа низ сите светски меридијани.

– Денес и во изминатите години, токму со „Актерот на Европа“, вие актерите на Европа придонесувате вредностите на меѓусебното почитување на културите на различните народи, тука во Преспа да се издигнат на едно високо ниво. Уметноста е успешен пример како ние народите од Балканот треба да соработуваме и меѓусебно да живееме, рече Стрезоски.

Фестивалот, нагласи, има обединувачка димензија на трите народи и трите култури кои делат исто езеро. Неговата цел, според Стрезоски, е да го шири европскиот дух преку културата, спојувајќи ги уметниците од различни страни на светот.

На Фестивалот досега учествувале повеќе од 100 претстави од скоро сите европски земји, а се одржува во организација на Езеро без граници, Општина Ресен и Универзитетот за аудиовизуелни уметности, со поддршка на Министерствот за култура на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top