| четврток, 6 декември 2018 |

Џокерот од Аурора ќе ја признае вината за да се спаси од смрт

 Дваесет и петгодишниот Џејмс Холмс, познат како Џокерот, кој изврши масакр за време на премиерата на филмот за Бетмен во градот Аурора, во американската држава Колорадо, ќе се изјасни за виновен пред судот за да ја избегне смртната казна, велат неговите адвокати.

На сослушувањето закажано за понеделник обвинителството треба да се изјасни дали ќе бара смртна казна за него.

–  Господинот Холмс сака да придонесе за да се забрза процесот и да се дефинираат заклучоците за сите инволвирани – изјавиле неговите адвокати.

Неговата одбрана бара тој да биде осуден на доживотен затвор без можност за помилување и велат дека случајот може да се затвори следната недела ако биде постигнат договор со обвинителството. Обвинителите сѐ уште не се изјасниле дали го прифаќаат предлогот или ќе бараат смртна казна за 25-годишниот Холмс.

Во американската сојузна држава Колорадо досега има донесено три правосудни пресуди за смртна казна, но ниту една не е извршена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top