| четврток, 6 декември 2018 |

„Големата мајка и змејот“ на Клекачкоска и на Кодер во „Мала станица“

Во рамки на манифестацијата „Скопско лето 2015“ вечер во „Мала станица“ ќе биде отворена изложбата  „Големата мајка и змејот“, во Сули-ан ќе се одржи Фестивал на музички документарни филмови, а во Музејот на град Скопје концерт на ансамблот за современа музика „Сонорис“.

skopsko leto

Изложбата на накит и на тантела „Големата мајка и змејот“ е на Билјана Клекачкоска – македонска дизајнерка на накит која со современ авторски пристап твори во филигранска техника и на Тина Кодер Грајзар – словенечка дизајнерка, која авторски твори идриска тантела.

Како основен медиум и поле на изразување и двете  дизајнерки избираат стари занаетчиски техники, органски поврзани со околината, поднебјето од кое доаѓаат. Како појдовна точка на заедничкиот проект тие избираат по еден симбол од местата во кои живеат и творат Големата мајка од Скопје и љубљанскиот змеј.

Во Музејот на град Скопје концерт ќе одржи ансамблот за современа музика „Сонорис“. Ќе настапат Лејла Беќири – флејта, Шкељзен Бафтиари – пијано, Марјан Милошевски – фагот, Игор Бакревски – кларинет и Марија Наумовска – сопран.

Ансамблот за современа музика „Сонорис“ е основан од композиторот и уметнички директор – Вулнет Таири, во 2007 година во Гостивар.  Ансамблот е составен од музичари од поширок спектар и тоа: композитори, инструменталисти, соло-пејачи, како и педагози, кои се усовршувале на полето на современата музика.

На Факултетот за ликовни уметности – Сули-ан, вечер ќе се одржи Фестивал на музички документарни филмови.

Ќе бидат прикажани филмовите „Дом на млади“ – Штип /Македонија во режија на Тања Симоновска, „Денот да е радосен“ во режија на Љубица Поповска и „Јас сум андерграунд“ во режија на Митко Трајановски и Александар Манасиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top