Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, ги повика вчера Грците на референдумот закажан за 5 јули да гласаат против договорот за меѓународна помош одбивајќи ги предупредувањата дека мнозинското „не“ ќе значи излез на Грција од еврозоната.
Мислам дека нивниот план не е да ја избркаат Грција од еврозоната, туку да застанат на патот на надежта дека во Европа може да постои различна политика, рекол Ципрас за грчката државна телевизија.
Тој оценил дека „што поодлучно биде гласањето против договорот за реформи за помош, Грција ќе биде посилна во кои било преговори што би можеле да следуваат“.
Премиерот рекол дека неговата влада ќе ја почитува одлуката на Грците да се продолжи со долгорочните мерки за штедење, но дека „таа влада нема да ги спроведува“. Ципрас нагласи дека резултатот од референдумот ќе биде почитуван и спроведен каков и да биде.
– Ако грчкиот народ сака бесконечно да продолжи со плановите за штедење поради кои немаме моќ глава да кренеме, ние ќе го почитуваме тоа , но нема да бидеме тие што ќе го спроведуваат – додал Ципрас.
Тој нагласил дека е подготвен да продолжи со разговори со европските лидери за да се спасат преговорите и дека ако в понеделник му понудат договор, Грција во вторник ќе го плати својот долг.
Мојот телефон е достапен цел ден. Кој да ме побара, јас секогаш се јавувам, порачал Ципрас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.