Старите бараки на детската болница во Козле од утре нема да бидат во функција. Целокупниот медицински персонал е преселен во други здравствени установи.
Во поликлиниката „Букурешт“ е амбулантскиот дел кој ќе работи во две смени. Дневната болница е во простории на „8 Септември“. Сите потешко болни деца на кои ќе им треба болничко лекување ќе бидат препраќани во Клиниката за детски болести.
Преселбата е резултат на градежните работи за финиширање на новиот објект на болницата. Надлежните со уверување дека тоа нема да доведе до намален обем на работа и сите пациенти ќе бидат згрижени. Апелираат до матичните лекари, наредните неколку месеци да не праќаат тешкоболни деца кај нив.
Уште денеска во бараките кои се стари повеќе од 50 години се примаат деца со белодробни заболувања. Истите ќе бидат срушени, а новиот објект на болницата на кој интензивно се работи треба да биде готов до октомври.
Новата болница ќе биде целосно опремена здравствена установа со нов стандард на еднокреветни и двокреветни соби во кои ќе има целосна климатизација. На почетокот на градежните работи пред три години, здравствените власти најавија дека ова е една од најголемите капитални инвестиции во здравството во поновата македонска историја. Поради мал застој, наместо во семптември 2014, изградбата ќе финишира една година подоцна.
Бараките во кои досега беа лекувани болните деца биле изградени по земјотресот како донација од Кралството Шведска. Првично требало да послужи како времен објект за употреба од 10 до 15 години. Но, во нив 50 години лекарите од Инстиутот лекуваат, работат, едуцираат кадри и досега не вратиле ниту еден пациент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



