
Во Хрватска медиумите анализираат што ќе се случува со хрватскиот туризам по кризата во Грција и евентуалниот излез од еврозоната.
Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ неодамна порача дека не очекува проблеми како во некои од земјите бидејќи Хрватска не е ниту во еврозоната. Неговиот заменик Бранко Грчиќ, иако не даде директен одговор се подготвува ли во Хрватска некое сценарио во случај Грција да излезе од еврозоната, предупреди дека таквите шокови секогаш влијаат врз пазарот на капитал. Тоа значи дека не се исклучува да пораснат каматите на обврзниците на задолжените држави, што значи и на Хрватска, пишува „Нови лист“.
Удар врз туризмот
Ако Грција излезе од еврозоната, може да биде погоден и хрватскиот туризам, наведува „Данас“. Ако ја врати драхмата како валута, Грција ќе мора да девалвира, можеби и 50 проценти во однос на еврото, проценуваат експертите. Тоа, пак, значи дека ќе поевтинат не само грчките производи, туку и нивните туристички услуги, со што, пак, Хрватска ќе добие силен конкурент и да загуби дел од гостите.
-Грчкиот туризам би бил најголемиот добитник на девалвацијата бидејќи земјата ќе стане поевтина дестинација во споредба со Хрватска, Турција и другите држави – напиша неодамна американскиот „Блумберг“. Британскиот „Ченл фор“ смета дека Британците во тој случај повеќе би преферирале да летуваат во Грција отколку во Хрватска или Бугарија, кои сега важат за евтини дестинации.
Нема враќање
Хрватска нема да има директни парични губитоци доколку Грција излезе од еврозоната, група од 19 членки на ЕУ кои го прифатија еврото наместо националната валута. Бидејќи Хрватска не е меѓу нив, таа не учествува ниту во финансирањето на заедничките европски фондови, кои минатите години се користени за финансиско спасување на Грција. Најголем губитник во случајот ќе биде Германија, која соодносно со својата сила, најмногу уплаќаше во фондовите за спасување на должниците, додава хрватскиот „Данас“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


