| четврток, 6 декември 2018 |

Камерон повика на засилена борба против исламскиот екстремизам

камерон

Британскиот премиер Дејвид Камерон денеска повика на посилна борба против исламскиот тероризам по терористичкиот напад на плажа во летувалиште во Тунис, при што беа убиени 38 лица, меѓу кои голем број британски туристи.

– Покрај нашиот шок и тага, мораме да додадеме уште еден збор – решителност. Непоколеблива решителност. Ќе се заложиме за нашиот начин на живот. Мораме да бидеме силни во заложбите за нашите вредности – мир, демократија, толеранција, слобода. Мораме да бидеме нетолерантни на нетолерантноста – отфрлање на секој чии погледи проштеваат проповед на исламски екстремизам со создавање услови тој да света, пишува Камерон за британски „Дејли телеграф“.

Британскиот премиер повика на акција против пропагандата на интернет за групи како што е Исламската држава, која ја презеде одговорноста за нападот и воедно ја наведе потребата да се засилат политичките институции во странство.

– Ние мораме да се соочуваме со нив на нивниот извор – во места како што се Сирија, Ирак и Либија, од каде што ИД коваат и реализираат заговори, наведува Камерон и додава дека изведувањето таков напад за време на светиот месец Рамазан претставува „навреда за сите муслимани во светот“.

Инаку, министрите за внатрешни работи од Велика Британија, Франција и на Германија денеска ќе го посетат хотелот Риу Империјал Мархаба во Сусу, каде што се случија убиствата.

Бројот на британски жртви во Сусу во Тунис би можел да се зголеми на повеќе од 30, бидејќи голем број Британци се сметаат за исчезнати по терористичкиот напад во петокот, иако официјално се смета дека загинале 15 британски туристи, објавува „Би-Би-Си“.

Тројца Ирци, Белгиец, Португалец и Германец се, исто така, убиени кога напаѓачот отвори оган на плажата.

Во меѓувреме, лидерите на северноафриканските земји ги координираат напорите за засилување на безбедноста. Туниското Министерство за туризам соопшти дека од 1 јули ќе бидат распоредени 1.000 вооружени полицајци, за да се засили туристичката полиција, која од сега, по првпат ќе носи оружје. Тие ќе бидат распоредени „во и надвор од хотелите“, на плажите и во туристичките и археолошки знаменитости, соопшти Министерството, дополнувајќи дека ќе бидат затворени околу 80 џамии, кои се сметаат за колепки на екстремизмот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top