Грчкиот претседател Прокопос Павлопулос денеска го потпиша указот за одржување на референдум во Грција на 5 јули, на кој Грците треба да се изјаснат дали сакаат продолжување на програмата за помош на земјата, во замена за спроведување реформи и мерки на штедење, јави ТАСС.
Одлуката за свикување на референдумот ја донесе грчкиот премиер Алексис Ципрас во ноќата меѓу петокот и саботата, со цел како што рече да им овозможи на Грците да го изнесат својот став по предложениот план од страна на кредиторите за помош на Грција.
– Овие правила, кои очигледно ги кршат европските норми и основните права на трудот, еднаквсота и достоинството, покажуваат дека целта на некои наши партнери и институции не била постигнување на договор прифатлив за сите, туку можеби понижување на цел еден народ – изјави Ципрас.
Според него, Владата е должна на еден ваков „ултиматум да одговори со суверената волја на народот“.
Во меѓу време, поранешниот грчки премиер и лидер на опозициската партија Нова демократија, Андонис Самарас го повика Ципрас да го откаже референдумот и да се обиде да формира влада на национално единство.
– Нашата земја треба да остане во Европа и во еврозоната. Господин Ципрас треба да продолжи да преговара – изјави Самарас.
Според него, доколку Ципрас не може сам да постигне договор со кредиторите, тогаш треба да се обиде да обезбеди широк национален консензус, преку формирањето на влада на национално единство.
Кредиторите ги прекинаа преговорите со Грција, откако Ципрас го закажа референдумот за 5 јули.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.