| четврток, 6 декември 2018 |

Лидерска средба за спроведување на договорот од 2 јуни

liderska.jpg-500

Во Клубот на пратениците денеска попладне треба се одржи нова лидерска средба меѓу претседателите на четирите најголеми партии – Никола Груевски на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев на СДСМ, на ДУИ Али Ахмет, и на Мендух Тачи на ДПА на која треба да разговараат за целосно спроведување на договорот од 2 јуни за решение за актуелната политичка криза.

Средбата беше договорена по разговорите на партиските лидери одржани на 19 јуни во Клубот на пратениците на кои присуствуваа и амбасадорите на ЕУ и на САД Аиво Орав и Џес Бејли, а на кои тие уште еднаш ја потврдија својата целосна посветеност на договорот од 2 јуни постигнат со посредство на евокомесарот за преговори за проширување и европска соседска политика, Јоханес Хан.

„Ние, лидерите на главните политички партии, денеска се согласивме уште еднаш да ја потврдиме нашата целосна посветеност на договорот од 2 јуни и да продолжиме со разговорите за негово целосно спроведување на лидерско ниво на 29 јуни. Ние, исто така  го поддржуваме транспарентното менаџирање од страна на ЕУ со текстот на овој договор, како и со сите специфични препораки поврзани со системските реформи во областа на  владеењето на правото, кои ќе бидат спроведени во интерес на сите граѓани“, беше наведено во заедничкото соопштение по средбата.

Еврокомесарот Јоханес Хан го поздрави резултатот од состанокот на политичките лидери, а ЕК испорача приоритети за итна реформа што „Република Македонија треба да ги исполни во областа на владеењето на правото и основните права, деполитизација на јавната администрација, слободата на изразување и изборните реформи“.

Владата на седница одржана на 23 овој месец усвои План за нови реформи за европската интеграција фокусиран на унапредување на владеење на правото, слободите, изборното законодавство, борбата со криминалот и корупцијата со конкретни мерки и рокови, носители на проекти и цели кои треба да се исполнат.

На 2 јуни во Скопје беше одржан состанок на лидерско ниво по кој еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека на пат е постигнување договор за решавање на политичката криза во земјава. Меѓу другото, во документот се предвидува до крајот на април следната година да се одржат нови предвремени парламентарни избори, да се направат измени во изборниот законик и во избирачкиот список.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top