Републичкиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, АМСМ, Министерството за внатрешни работи и Град Скопје, заедно со останатите партнери организираат велосипедско дефиле кое ќе се одржи утре, со почеток во 9 часот пред „Порта Македонија“.
Дефилето е составен дел од проектот „Со велосипед на пат низ целиот град“, а има за цел да го промовира велосипедот како сообраќајно превозно средство. Воедно, со овој настан ќе се испрати порака до возачите на моторни возила дека велосипедистите се присутни во сообраќајот и истите треба да бидат почитувани како рамноправни учесници во сообраќајот.
Настанот кој претставува велосипедско движење за поголема безбедност на велосипедистите во сообраќајот, ќе се одвива по следната дефинирана рута:
Од „Порта Македонија“ до АМСМ; преку ул„.М.Т.Гологанов“ до „Веро Тафталиџе преку бул.„8-ми Септември“ до „Ми-Да Моторс“, а потоа преку бул.„Илинден“ до кафе-бар „Штала“ и до крајната цел, „Школка“ во Градски парк.
Велосипедското дефиле со свое учество ќе го поддржат многу јавни личности од културниот и забавниот живот во Репубика Македонија, а свое учество ќе земат и претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски, генералниот Секретар на АМСМ Димитар Миновски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.
Велосипедското движење ќе заврши на крајната дестинација „Школка“ во Градски Парк, каде покрај добра музика и забава, учесниците во велосипедското движење ќе ги очекуваат и пет „Max“ велосипеди кои во знак на поддршка на развојот на велосипедизамот во градот, како награди ќе ги додели „Агротехна“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.