| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“

Шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ заврши синоќа со проекција на аргентинскиот документарен филм „Танцувајќи со Марија“ по што следеше изведба во живо на музиката од филмот под водство на композиторот Лука Цуит.

Наградата „Кромид“ за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма ја доби документарниот филм „Погледот на тишината“ од Џошуа Опенхајмер.

Проекциите на филмовите прикажани на фестивалот се одвиваа во Куршумли Ан, во Младинскиот културен центар и во Меморијалниот музеј на холокаустот.

Фестивалот почна на 20 јуни со проекција на филмовите „Ритам и звук“ од Трајче Попов (Вардар филм, 1955 година) и „Солта на земјата“ на Вим Вендерс и Џулијано Рибеиро Салгадо. До 26 јуни беа прикажани 30 долгометражни и кратки документарни филмови од светската и македонската документаристика, се одржаа три музички работилници, изложба на фотографии со наслов „Ехо“, повеќе од 40 гости, шест сесии разговори „Под смоквата“, три дебати иницирани од филмови во фестивалската програма, четири премиери на македонски документарни филмови, како и три вечери со музика изведена во живо во Куршумли Ан.

Посебно признание доби филмот „Спартанци“ на Никола Вадимов, а филмот „Танцувајќи со Марија“ ја доби наградата „Млад Кромид“. Наградата „Кокарче“ ја доби „Во подрумот“ на Улрих Зајдл.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top