Највисоко на листата за отстрел се политичари што се сојузници на САД и на западните земји кои се борат против ИСИС и политички активисти кои отворено се спротивставуваат на исламските радикали. Меѓу нив предничат лидерите на Албанија, Еди Рама, косовските политичари Хашим Тачи и Рамуш Харадинај и лидерите на македонските Албанци, Али Ахмети и Мендух Тачи, како и неколку Босанци кои се граѓански ориентирани лидери од муслиманска заедница. Сите тие во упатствата што стигнуваат до активистите на ИСИС се опишуваат како предавници кои ги предале исламските интереси и покрај тоа што се родени како муслимани, а поради блискоста со Америка станале најголеми непријатели на изворниот ислам.
Сојузништвото со „големиот сатана“ не може да се амортизира со нивната поддршка за градење џамии, се вели во една порака која била пренесувана и преку социјалните мрежи во западна Европа. Заканите се однесуваат и за „неверниците“ Груевски, Иванов, Вучиќ, Николиќ, Ѓукановиќ и други балкански лидери христијани кои треба да бидат убиени затоа што, според ИСИС, не дозволуваат во регионот да завладее автентичен ислам и под строга контрола ги држат исламските лидери и институции на Балканот.
Заканите се однесуваат и на министри за внатрешни работи и на високи претставници на службите за безбедност кои работат директно на спречување на заминувањето доброволци на фронтовите во Ирак и во Сирија или, пак, ги водат операциите за надзор на повратниците во матичните земји.
Државите мора да ги заштитат граѓански ориентираните муслимани
За разлика од сите наведени што имаат механизми на заштита 24/7, една од целните групи што се најранливи се умерените муслимани кои преку граѓанска платформа сакаат да наметнат лаички граѓански, а не верски или етнички концепт на живеење во државите каде што се активни. На таа листа има неколку јавни личности муслимани од Албанија, Босна и Херцеговина и од Косово кои отворено се залагаат за затворање на милитантните исламисти или за смена на радикални верски лидери, како и за построги казни за повратниците од Ирак и од Сирија во согласност со законите на државите.
На црната листа на ИСИС и на другите милитантни исламистички организации, како фронтот Ал Нусра, се и умерени лидери на исламските верски заедници во регионот кои во содејство со државните институции ги малтретираат муслиманите што тргнале по „вистинскиот пат“.
Високо на листата за отстрел се и амбасадорите на западната коалиција која на терен на Блискиот Исток се обидува воено да ја порази Исламската држава, како и објектите на западни дипломатски претставништва во земјите на Балканот, што за нив не е никаква новина. САД, на пример, имаат потврдени закани за своите амбасади речиси низ целиот свет, а неколку пати досега во напади врз нив гинеа десетици војници и дипломатски персонал. Само за потсетување, во нападот на група поврзана со Ал Каеда врз американската амбасада во Либија пред две години загина амбасадорот Крис Стивенс.
Посебна цел за ИСИС се армиите на земјите што учествуваат во мировни или воени операции на американската армија, при што, според аналитичарите, посебна е заканата за албанската и за македонската армија, кои со години учествуваат во низа операции насочени против исламистички милитанти во Ирак и во Авганистан. Убиство на припадници на АРМ и на Армијата на Република Албанија би можело да го натера јавното мислење во двете земји во иднина да не испраќа свои единици во воените подрачја каде што е активна ИСИС, сметаат стратезите на исламската држава.
На Балканот има најмалку 100 повратници
Вкупниот број доброволци што во последните три години заминале да се борат во редовите на Исламската држава го надминува бројот од илјада. Досега од нив загинале најмалку 50, а според процените најмалку 100 се вратени во матичните земји. Надзорот на балканските служби за безбедност покажува дека дел од нив по искуството целосно се откажале од војување од верски причини, но поголемиот дел сѐ уште се активни и работат на регрутација на нови доброволци или собирање пари за помош на ИСИС. Најголем проблем во надгледувањето на повратниците има во руралните селски подрачја во Албанија, Косово и во БиХ, каде што не е можно целосно следење на нивните комуникации по враќањето дома. Друг сериозен проблем е лесниот пристап до оружје и експлозив кои во регионот ги има доволно по неколкуте војни во 90-тите години од минатиот век и на почетокот на 21 век. Локалните власти на Балканот имаат уште еден несекојдневен проблем со повратниците што боледуваат од посттрауматски синдром, односно имаат сериозни психолошки проблеми и за нив не може да се предвиди како ќе се однесуваат во иднина. И покрај донесените закони со кои треба да се санкционираат сите што учествувале во војни во странство, земјите од регионот сѐ уште не можат да ги спроведат тие закони поради тешката процедура за докажување на суд и поради законот за молчење, сличен на таканаречената „омерта“ кај италијанската мафија, кој важи кај повратниците од Сирија и од Ирак.
Косово натерано да ги подели информациите за напади од ИСИС
Информациите што пред неколку дена ги лиферуваше официјална Приштина, според кои во наредниот период Балканот, а особено Скопје и Приштина, треба да стравува од напади на ИСИС, сепак не биле плод на искрена желба да се информираат соседите за можните инциденти, туку поради притисок од западни служби. Дипломатски извори брифираат дека владата на Косово ги поделила своите информации со јавноста и со своите соседи дури откако една западна разузнавачка служба се заканила дека самата ќе ги информира балканските земји и јавно ќе го обвини Косово дека крие податоци. Таквиот однос на дел од западните служби дошол откако било утврдено дека Косово го прекршил протоколот за соработка со балканските земји потпишан под покровителство на ЕУ уште пред пет години. На Косово му се забележува дека криел информации поврзани со криминалците што учествуваа во кумановскиот инцидент. Инаку, Косово, како земја што има најголем број доброволци во Исламската држава според бројот на жители (200) во светот, се смета за еден од најдобрите извори на информации за состојбата во Ирак и во Сирија поради оперативците што се инфилтрирани високо во редовите на ИСИС.
Пишува: Горан Момироски
(Текст објавен во 146. број на неделникот „Република“, 19.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


