Игор Киров е еден од попознатите македонски танчари, кој пред една година се збогува со сцената и продолжи да работи како кореограф. Живее и работи во Дрезден, Германија, како слободен уметник, но постојано има ангажмани. Во неговиот роковник е испланирана целата година. Публиката го знае и го памети по перформансот „Хе, хе, хелиум“, потоа „14 часа“, учествувал на фестивали, на интернационални натпревари за кореографии од каде што се враќал со награди. Тој ја направи кореографијата за мјузиклот „Фејм 2014“, гостувал на сите престижни сцени и како танчар и како кореограф.
Со Кирил Џајковски и со Александар Ношпал во Хрватско народно казалиште почнуваат да го работат балетот „Пет до 12“ со кој ќе гостуваат на Охридско лето на 12 август.
На 15 јуни во Хрватско народно казалиште (ХНК), заедно со Александар Ношпал и со Кирил Џајковски, го почнавте новиот проект, чијашто премиера е закажана за 7 август, за отворање на Сплитско лето. Со истата претстава потоа треба да гостувате и на Охридско лето. Дали може да ни кажете нешто повеќе за проектот?
КИРОВ: Мојата нова креација е балетот со наслов „Пет до 12“, работен по музиката на Кирил Џајковски. Балетската претстава говори за градење и за уривање, за трансформации и игри меѓу луѓето и предметите. Сцената е исполнета со дрвени кутии. Тие може да формираат различни констелации: ѕид, мост, храм или гробишта, тие создаваат простор што се менува за изведувачите. Како патуваме? Како можеме да се поврземе и со кого, но и зошто: Тоа ќе го дознаеме низ ова дело полно со енергија и со емоции.
Премиерата во Македонија на „Пет до 12“ е закажана за 12 август, во рамки на Охридско лето.
Лани во јуни последен пат настапивте на сцената како танчар. Дали Ви недостига сцената или уживате во подготвување кореографии? Дали сте нестрплив да го видите крајниот резултат на тоа што сте го замислиле?
КИРОВ: Засега, навистина, не ми недостига да бидам на сцената бидејќи работата како кореограф ме исполнува целосно, ми отвора нови визии, нови идеи, на ист начин како што ме исполнуваше да бидам на сцена и да играм. Ми беше потребно малку време додека ги избалансирам работите. Практично, работев на две полиња – и како танчар и како кореограф, а од лани и на три, вклучувајќи ја и професијата професор по модерен балет. Но, сега сѐ си дојде на свое место или пак, ете полека се редат работите како што треба. Многу ми е драго кога ќе видам како други ја раскажуваат мојата приказна на свој начин и како моите идеи се пренесени и трансформирани од други танчари, актери и пејачи.
Секоја креација е период што е исполнет со подеми и со падови. Идеите се соединуваат, се разработуваат. Но, кога си на вистинската патека, резултатите нема да изостанат. Крајниот резултат ме радува.
Зад себе имате 19 години активни балетски сезони, со по четири-пет премиери во една сезона. Денес, пак, предизвикот е поинаков, работите како слободен уметник. Што значи да си слободен уметник во Германија каде што живеете последните години?
КИРОВ: Тоа значи дека самиот си ја создаваш кариерата и сам се грижиш за проектите што се пред тебе. Кога играв и кога бев вработен тоа значеше дека платата редовно пристигнува и не требаше да се грижам за ништо друго освен да си ги завршам обврските. Но, сега самиот се грижам и сам сум одговорен за сите мои одлуки. Ризик е, но ако ја имаш во главата идејата каде сакаш да стигнеш и што сакаш да постигнеш, тогаш коцките на еден или на друг начин ќе се спојат.
Најавена е премиера во Скопје на 7 ноември, а проектот е македонско-словенечко-српска продукција. За што станува збор и како е замислен?
КИРОВ: „Балкан денс проџект“ е моја замисла на еден поинаков начин да се развие танцот низ регионот, да им се даде шанса на танчарите, кореографите, композиторите да творат, а сето тоа да се пренесе, не само на публиката во главните градови, туку и во помалите. Посебно каде што секој поголем град има сцена што може да се искористи.
Оваа продукција ќе биде составена од тројца кореографи и од шестмина танчари од Македонија, Словенија и од Србија. Секој на свој начин во една сцена составена од три кореографии по 25 минути ќе ѝ долови на публиката различни стилови на модерен танц. Словенечката премиера е закажана за 5 ноември, македонската премиера е два дена подоцна, а српската премиера е на 15 ноември во Белград.
Сте гостувале во Љубљана, Скопје, Панама, Сеул, Пекинг, сте настапувале на престижни сцени. Како ја оценувате состојбата на македонските кореографи, какви можности им се нудат во земјава? Во својата богата кариера здобивте огромно искуство на меѓународни простори. Може ли да направите паралела со македонската современа танцова сцена?
КИРОВ: Во Македонија се трудиме сите на свој начин да придонесеме за развојот на танцовата сцена. И ние што сме надвор и тие што се во Македонија и што творат поактивно од мене. Постојат кореографски имиња што помалку или повеќе ги следат трендовите од тоа што се работи на Запад. Исто така, постојат и фестивали што на еден или на друг начин придонесуваат нашата публика да има можност да види барем еден мал дел од светските трендови и стилови. Но, кај нас сѐ уште немаме развиено една стабилна танцова сцена. Бројот на уметници што се занимаваат со оваа професија е многу мал и нашата традиција за танц не е иста како таа на Запад. Но, мора да кажам дека и покрај сѐ, сепак, солидно се држиме и сите институции прават максимални чекори за да се развие и презентира македонската танцова сцена.
Претпоставувам дека летово ќе го минете работно. Кога ќе одморате од напорната сезона? Што ве релаксира најдобро?
КИРОВ: Имам малку слободно време и тоа време што ми преостанува сакам да го искористам и да бидам во друштво на своето семејство. Многу сакам да гледам филмови во кино, но и по авионите и аеродромите додека патувам. Бидејќи многу патувам, па така секогаш во секое патување, освен работа има и задоволство и релаксација. Декември ми е слободен засега, но по „Балкан денс проџект“ одам за Токио, во Јапонија, па на враќање, можеби, ќе останам во Индонезија.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: приватна архива
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.





