Потпретседателот на Европскиот парламент Улрике Луначек оцени вчера дека уникатното речно богатство во Западен Балкан не треба да се уништува со изградба на хидроцентрали, субвенцирани од ЕУ.
– Додека земјите од ЕУ треба да вложат напори, за да ги исполнат т.н. речни рамки, во Западен Балкан тие критериуми се почитуваат, дури и се надминуваат. Таа предност на земјите од Западен Балкан се поставува под прашање со планираното цунами од хидроцентрали, рече Луначек.
Во свое соопштение по повод вклучувањето на организации за заштита на животната средина во работната група на ЕП за Западен Балкан, таа им се заблагодари на „Ривер воч“ и „Јуронејчр“, кои го покренаа тоа прашање, и го повика ЕП и ЕК да заземат јасна позиција за заштита на реките во Западен Балкан.
– Најголемата еколошка вредност, која Западен Балкан можат да ја внесат во ЕУ, се речните пејзажи. Реките во тој регион се најголемите центри на богатство на флора и фауна и само таму има 69 видови риби, рече директорот на „Ривер воч“ Улрих Ајхелман.
Според него, планирано е да бидат изградени околу 2.000 хидроцентрали, кои ќе го уништат тоа речно богатство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.