| четврток, 6 декември 2018 |

Поддршка од Собранието за предлог измените на Законот за квалитет на земјоделски производи

Собранието на Република Македонија денеска на продолжение на 54. седница го оцени  како прифатлив предлог законот за изменување и дополнување на Законот за квалитет на земјоделските производи, во прво читање, и препорача проследување во натамошна собраниска процедура.

sobranie

Со законските измени се предлага да се воведе систем на обука за контролори за земање примероци за анализа на квалитетот на  млекото и млечните производи. Во делот на заштита на квалитетот се врши усогласување со најновата ЕУ регулатива 1151/2012 на Европската унија.

Во тек на расправата пратеникот од Социјалистичката партија Љупчо Димовски појасни дека контролата со земање мостри за испитување на квалитетот на млекото ќе ја вршат лиценцирани контролори. Примероците од млеко  ќе треба да ги достават до акредитираните лаборатории што ќе вршат анализа на квалитетот на млекото. Тоа се лабораториите во Ветернираниот факултет во Скопје и во Битола, а во следниот период, согласно владиниот проект по монтирањето на опремата и акредитацијата, и на Универзитетот  Гоце Делчев во Штип и на Тетовскиот универзитет, наведе Димовски.

Важни се, укажа, и законските измени кои се однесуваат на скратување на постапката за регистрација на препознатливи македонски земјоделски производи или брендови. – Тоа се пред се автохтони сорти земјоделски производи во државата, како кочанскиот ориз, куртовската капија, тетовскиот грав, охридската цреша, грозјето „станушина“, пелагониската пиперка, скопскиот јабучар…., рече Димовски.

Пратениците ја почнаа и расправата за предлог измените на Законот за јавните патишта, чија цел, според заменик министерот за транспорт Ниметула Халими, е зголемување на нивото на безбедноста на патиштата, како и избегнување на недореченостите околу регулирање на надлежноста за одржување на јавните патишта. Се врши и услогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ за што се имплементира директивата 2008/96/ЕЗ за управување со безбедноста на патната инфраструктура.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Слаѓана Митовска информира дека со предложениот закон, меѓу другото, од плаќање патарина се ослободува и категоријата лица со над 90 проценти оштетен слух со потврда за членство од Националниот сојуз за глуви лица.

Независната пратеничка Солза Грчева ја критикуваше состојбата на македонските патишта, што, според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, е неиздржано. Од 2006 година, посочија, досега се изградени и се во тек бројни проекти за изградба и обнова на автопати, експресни, регионални и локални патишта.

Расправата за измените на Законот за јавни патишта ќе продолжи по редовната пауза на Собранието во 15 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top