Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар вечерва на годинашново издание ќе го претстават проектот „Бродвеј под ѕвездите“, a публиката во една вечер ќе ги слушне вокалните и инструменталните хитови од најпознатите филмувани мјузикли, како „Валкан танц“, „Телохранител“, „Чикаго“, „Волшебникот од Оз“, „Кралот и Јас“, „Ох, Кеј“, „Мала ноќна музика“, композиции кои одамна се сметаат за џез-стандарди на големите музички мајстори како Гершвин, Роџерс, Арлен, Хамерстајн или Сандхајм. Публиката ќе има можност да ги слушне и увертирите „Кандид“ на Бернштајн и „Смешно лице“ на Гершвин, како и еден симпатичен сплет од најпознатите хитови на легендарната шведска поп-група АББА.
Македонската филхармонија ќе настапи под диригентство на маестро Борјан Цанев, додека солист на концертот е популарната вокалистка Сара Костадиновска, која музичката публика ја познава како Сара Мејс.
Покрај сцената, на големи платна оваа година публиката ќе има можност да го гледа создавањето ликовни дела од двајца уметници, Милан Андов и Стојан Ѓуриќ. На настанот ќе бидат поделени и 20 илјади примероци од книгата „Фигури“ од чешкиот новелист и поет Јан Неруда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.