На првата сесија „Под смоквата“, модерирана од селекторката Петра Селишкар, се придружија и Миха Чернец („Борба за“/ „Танцувајќи со Марија“, Синиша Гачиќ („Борба за“) и шпанскиот пријател на „МакеДокс“ – Роберто Блат.
– Кога размислувам за филм, размислувам за себеси. Филмот, продукцијата, животот – сето тоа е поврзано во една целина, рече Магнус Гиртен, фаќајќи го ритамот на разговорите „Под смоквата“ во Куршумли-ан.
Гиртен е автор на филмот „Секое лице има име“ и гостин на шестото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, кое од 20 до 26 јуни 2015 година, во Куршумли-ан и во Младинскиот културен центар во Скопје, се одржува во ритамот на мотото „Рум-да-да, дум-та-дум-та!“.
Зборувајќи за сопствените искуства во правењето документарни филмови Магнус Гиртен објасни дека процесот на барање на соработниците е долг и дека, пред сѐ, сака да работи со луѓе кои му се допаѓаат. Истото се однесува и на изборот на темите што го предизвикуваат за снимање документарец.
– Обично сѐ почнува со одредена емоција, потоа се појавува љубопитност која ме води кон истражување на темата и така почнува да се развива концептот за филмот. Љубопитноста е многу интересна карактеристика, бидејќи станува емпатија кога ќе се обидете да ги откриете слоевите на одредена личност. Затоа често се случува еден филм да снимам околу три години, рече Гиртен.
Словенечкиот автор Синиша Гачиќ три години го снимал филмот „Борба за“, кој на програмата на „МакеДокс“ е на 23 јуни, во 19 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ, а ќе биде проследен и со сесија на прашања и одговори со публиката.
– Снимањето на филмот го почнав поведен од ведрите и весели луѓе кои го иницираат активистичкото движење ’Окупирај го Волстрит‘, што подоцна се мултиплицираше во повеќе активистички настани со исто мото ’Окупирај го..‘. Филмот е критичко гледање на сајд-ефектите што ги имаа движењата низ целиот свет со акцент на настаните што се случуваа во Словенија. Мојата критика се однесува на развојот на настаните и на фактот што од огромна група ведри луѓе на крајот останаа некои активисти кои не знаат што да прават со себеси, а не, пак, да го менуваат системот во кој живееме. Како заклучок констатирав дека активистите кои учествуваат во одредени протести прво треба да се разберат меѓу себе, а потоа би можеле да се борат за промена на системот. Морам да кажам и дека активистите очекуваа со филмот да ги заштитам, а не дека ќе ги критикувам за нивниот начин на протестирање, рече Синиша Гачиќ.
Шпанскиот пријател на „МакеДокс“, Роберто Блат, се надоврза на темата со активистичките движења и направи компарација со состојбите и случувањата во Шпанија и појавата на движењето, сега веќе партија „Подемос“.
Копродуцентот на филмот „Танцувајќи со Марија“, кој ќе биде прикажан на затворањето на „МакеДокс“ на 26 јуни во Куршумли-ан со изведба во живо на музиката од филмот, Миха Чернец, објасни дека станува збор за еден некласичен портрет на Марија Фукс, страстна танчарка од Аргентина. Филмот се однесува на семејните односи, влијанието на околината, танцот и музиката, како и на внатрешниот ритам што главната протагонистка Марија го носи во себе.
– Не станува збор само за танцувањето, туку и за чувствувањето на ритамот низ еден ослободувачки и оздравувачки процес“, нагласи Чернец.
На 22 јуни „Под смоквата“, од 18 до 20 часот, ќе дискутираат Маја Осојник и Матија Шеландер („Рдеча ракета“), Миха Задникар (член на жири за наградата „Етички идеи“) и Братко Бибич (Работилница за ритам и Музичко интро“).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Македокс“: Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт
-
Панел-дискусија со Вито Флакер, Дамијан Ненадиќ и Ана Замецка на „МакеДокс“
-
Студентската програма на „МакеДокс 9“
-
Избрани четири нови идеи за снимање документарен филм во рамки на проектот „Докуникулци“