| четврток, 6 декември 2018 |

Мисајловски:Македонија влезе во инвестициски циклус во патната и железничката инфраструктура

misa

Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, денеска учествува на министерскиот состанок „Денови на европските транспортни коридори“ што се одржува во Рига, Латвија.

На состанокот присуствуваат министрите за транспорт од земјите на Западен Балкан, а на него ќе се разговара за главната мрежа на европските транспортни коридори во рамки на ЕУ и нејзино продолжување во земјите од Западен Балкан.

misa2

Целта е оваа основна мрежа да биде изградена до 2030 година со т.н „тен-стандарди“ кои опфаќаат изградба на железничка пруга со брзина од 110 километри на час, како и изградба на патишта на ниво на автопат или експресен пат.

Министерот Мисајловски ги претстави инфраструктурните проекти што ги реализира македонската влада за развој на Коридорот 8 и Коридорот 10, како и унапредувањето на поврзаноста со регионот и земјите од Европската унија.

– Македонија влезе во еден инвестициски циклус во патната и железничката инфраструктура. Моментално на Коридорот 10 активно се работи на автопатот Демир Капија–Смоквица. Во меѓувреме, се работи на реконструкција на автопатската делница Велес – Скопје (Катланово), а за кратко време ќе започне да се реконструира и делницата од Смоквица до Гевгелија, со што ќе се добие еден модерен автопат кој претставува транзитна врска од север кон југ и обратно – истакна Мисајловски.

Во делот на патната инфраструктура на Коридорот 8, министерот Мисајловски ги претстави и проектите за изградба на автопатот Кичево – Охрид, како и плановите за изградба на автопатска деланица од Гостивар до Кичево.

misa3

– За нас многу значен проект е изградбата на новата пруга кон Република Бугарија и кон Република Албанија. Со изградбата на оваа пруга, Република Македонија ќе добие железничко поврзување кон исток и кон запад, важен сегмент за регионалното поврзување – посочи Мисајловски.

Покрај министрите за транспорт на Македонија, Црна Гора, Албанија, Косово, Србија, БиХ и на Бугарија, на состанокот присуствуваше и комесарката за транспорт на Европската комисија, Виолета Булц.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top