| четврток, 6 декември 2018 |

Бомбашки напад врз зградата на авганистанскиот парламент во Кабул

­ Силна експлозија денеска го потресе парламентот во авганистанскиот главен град Кабул за време на седница, по што следела пукотница во која се повредени 18 цивили, изјави портпаролот на министерството за здравство Мохамад Исмаил Кахуси.

Државната телевизија ги емитуваше во живо случувањата од пред зградата на парламентот во западниот дел на Кабул, кога се случила експлозијата и пратениците почнале на брзина да ја напуштаат зградата, пренесува Танјуг. ­

– Тоа беше силна експлозија од која се искршија прозорците на зградата. Ние сега сме на сигурно, потврди пратеникот Шукри Барекзаи.

Според друг пратеник експлозијата се случила кратко по пристигнувањето на Масун Станекзаи, кој е потврдено дека е нов министер за одбрана.

Портпаролот на министерството за внатрешни работи Седик Седики изјави дека нападот почнал во автомобил бомба, кој експлодирал во близина на влезот на зградата, по што вооружени напаѓачи се обиделе да извршат упад, но биле потиснати од безбедносните сили во објект во изградба во близина на парламентот.

Полицијата го опколи местото во кое се засолниле напаѓачите. Седики потврди дека талибанците преземале одговорност за самоубиствениот бомбашки напад пред парламентот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top