Времето за Грција истекува, а сценарио за излез на земјата од монетарната унија е поверојатно од било кога. Поради големиот дневен одлив на пари од грчките банки, Европската централна банка не е сигурна дека веќе во понеделник нема да биде побарано истите да останат затворени. Грчките финансиски институции може да бидат принудени да посегнат по таква мерка по неуспешните средби на еврогрупата и повлекувањето големи суми пари од грчките штедачи.
Покрај најголемиот одлив на заштеди во последните 10 години, на банките им се заканува и голема опасност од скок на лошите кредити, кои се 59 милијарди евра. Дури и ако се постигне договор меѓу Грција и меѓународните кредитори за седум милијарди евра вредната транша финансиска помош, грчките банки тешко ќе преживеат без 16 милијарди евра нова капитална инекција.
Следните две недели се клучни
Грција мора до 30 јуни на Меѓународниот монетарен фонд да му ја исплати доспеаната рата од кредитот од 1,5 милијарди долари, но грчката каса е празна, поради што на земјата и се потребни 7,2 милијарди евра меѓународна помош, за да не банкротира и излезе од еврозоната.
Во страв од таквиот развој на настаните, од грчките банки само од понеделник до среда се повлечени околу две до три милијарди евра, или 1,5 отсто од вкупно 133,6 милијарди евра, кои граѓаните и деловните субјекти ги имаат на сметките во банките, пренесе Ројтерс.
Пред оваа недела, штедачите повлекувале во просек 200-300 милиони евра дневно, а од октомври минатата година, граѓаните на Грција константно подигнувале пари од банките во страв од банкрот на Атина, наведува британската агенција.
„Следните две недели се од клучно значење за земјата и банките. Владата мора веднаш да обезбеди договор со кредиторите“, изјави еден неименуван извор од грчка банка.
Состанокот на еврозоната за Грција заврши без одлука
На седницата на министрите за финансии на еврозоната, затворена за јавност, како што дознава Ројтерс, на претставниците на ЕЦБ им било поставено прашањето „дали грчките банки ќе можат да отворат во понеделник“.
„Во петок можат. Во понеделник, не сум сигурен“, истакнал Беноа Коеуре, член на ИО на ЕЦБ.
Поради ваквиот развој на настаните, а со цел да се спречи банкрот на Грција, лидерите на еврозоната за во понеделник закажаа итен состанок на кој ќе се разговара за грчката финансиска ситуација. Претседателот на еврогрупата, Јерен Дајселблум рече дека Грција мора да поднесе нови предлози.
„За сè се виновни европските лидери!“
Грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис ги обвини европските лидери поради тоа што не сакале да ги разгледаат неговите предлози за надминување на проблемот. Тој одби да го коментира забрзаното повлекување на парите од грчките банки.
Од друга страна пак, премиерот Алексис Ципрас замина во посета на Русија, од каде доаѓаат позитивни сигнали.
„Русија е подготвена да ја разгледа финансиската поддршка на Грција“, изјави потпретседателот на руската влада Алексеј Дворкович, воочи посетата на Ципрас и додаде дека најважни за Русија се инвестициските проекти и размената со Грција.
„Доколку биде потребна финансиска поддршка, ќе го разгледаме тоа прашање“, истакна Дворкович за руската телевизија.
Од кабинетот на Путин пак, сметаат дека сè уште е рано за коментар на евентуален руски заем. Оттаму ќе чекаат предлози и иницијативи од грчкиот партнер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!
-
УНХЦР: Расте бројот на мигранти и бегалци кои од Турција доаѓаат во Грција