Нема ниту еден сериозен меѓународен проблем што може да биде решен без учество на Русија, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, пренесува ТАСС.
Лавров како пример за такви остри меѓународни проблеми ги посочи граѓанските војни во Сирија и Либија, емигрантскиот бран во Европа, Ирак, во кои по вмешувањето на САД ништо не оди, како и иранската нуклеарна програма и нуклеарното прашање на Корејскиот Полуостров.
– Ниту едно од овие прашање не може сериозно да се решава без руско учество – нагласи тој во интервју за телевизијата РБК.
Во однос на украинското прашање Лавров истакна дека Русија не е заинтересирана за распад на Украина и дека не сака да служи како параван за оние што се стремат за тоа.
– Такви желби има многу. И од западна страна и од источна страна има вжештени глави – истакна тој.
Лавров потврди дека Русија има влијание врз раководството на самопрогласените Донецка и Луганска народна република.
– Тие во голем степен зависат од нас, за хуманитарна помош и во политички план, зошто ние ги застапуваме нивните законски права како дел од украинскиот народ, нагласи рускиот министер, додавајќи дека тоа влијание сепак не е целосно.
Рускиот министер за надворешни работи нагласи дека Москва целосно ги поддржува договорите од Минск.
– Да се стават под знак прашање тие договори и суверенитетот на Украина би значело само да се поддржат екстремисти од секаков вид, а ние не го сакаме тоа – истакна рускиот министер за надворешни работи.
– Крим, сепак, е друго прашање. Народот таму одговори на обидите да се замолчат Русите на Крим – изјави Лавров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



