| четврток, 6 декември 2018 |

Уживам во љубовта и среќна сум

Нова победа, нова љубов, нова Бојана...

„Диви цветови“ е песната што ќе остане запишана во историјата на „Макфест“ како победничка на 30. јубилејно издание на фестивалот. Бојана Атанасовска, пак, оваа втора нејзина победа во Штип ќе ја искористи за поактивно да се посвети на музичката сцена, каде што, како што вели, затишјето во последните неколку години не ја мотивирало да работи.

Да настапи на „Макфест“ инсистирал нејзиниот нов партнер, селекторот на репрезентацијата за футсал Васко Скендеровски, чијашто морална поддршка, вели, ја има во неограничени размери.

Bojana-Atanasovska-scena145-3

Победник на „Макфест“ во 2003 година и сега, 12 години подоцна. Колку е променето? Не само фестивалот, туку и самата Бојана.
Атанасовска: Од тогаш се променети многу нешта. Пред сѐ мојот изглед (се смее). Јас се променив во смисла на созревање, на музички план во вокалната интерпретација. Фестивалот го доби ревискиот оркестар и звучи како „Сан Ремо“, мелодиите сега добиваат на поголема тежина, а звукот е магичен.

 

Во една пригода изјави дека ги надмина тинејџерските рефрени и дека долго време немаше идеја во која насока да продолжиш. На публиката, очигледно, ѝ се допадна оваа нова Бојана. Што по оваа победа?
Атанасовска: По победата следува многу работа. Веќе го имам снимено и вториот сингл „Најмил мој“, за кој е изработен и видеоспот заедно со Принц, и би требало да се промовира кон крајот на месецот. Сигурно ќе се снима спот и за „Диви цветови“, сепак е победничка песна.

 

Од „М2“, па до денес, постојано си присутна на македонската музичка сцена, но не баш често. Што те запира за целосно да се посветиш на ова?
Атанасовска: Направив не­колку паузи со цел да размислам во која насока да продолжам, а и се создаде некое затишје на естрадава во претходниве неколку години, па како да не бев мотивирана.

 

Bojana-Atanasovska-scena145-2

 

Те немаше во јавност подолго време. Се појави една поинаква Бојана со нова љубов, за која јавноста не знаеше. Учеството на фестивалот е по желба на партнерот и се покажа како правилна одлука. Дали тој е тоа што ѝ треба на Бојана – поддршка, внимание и добар советник?
Атанасовска: Се разбира дека поддршката од партнерот е најважна. Јас сум среќна и задоволна што таа морална поддршка ја имам во неограничени размери…

 

Што ти го исполнува секој­дневието?
Атанасовска: Моето секој­дне­вие е многу исполнето. Работам и нешто дијаметрално спротивно од музиката, уживам во љубовта, патувам често, се дружам со пријателите… и слушам многу музика.

 

Неодамна изјави дека животот на сцена би бил поедноставен да не е публиката, која го критикува секој потег. Сметаш ли дека за Македонците туѓото е секогаш послатко? Сепак, бројот на концерти на регионални музичари е многу поголем од домашните.
Атанасовска: Ние, генерално, како народ и менталитет сме секогаш покритички настроени кон секој наш производ, а треба да е спротивното. Треба да се поддржуваме и да поддржуваме сѐ што е наше. Ние сме мала држава и треба да го штитиме сѐ што е наше.

 

Не се плашиш од промени во изгледот. Често експериментираш и отворено зборуваш за тоа. Постои ли уште нешто што би сакала да го коригираш?
Атанасовска: Генерално, сакам да експериментирам со изгледот и сакам да пробувам сѐ што е ново во доменот на козметологијата. Купохоличарка сум, па менувам и гардероба, но сега сум задоволна од имиџот што го создадов, кој вклопува сѐ заедно и стил и музицирање. Веројатно тоа си доаѓа заедно со созревањето на секој план. Секогаш сум била поборник дека ги поддржувам сите нешта што можат да ја подобрат нашата самодоверба.

Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 145. број на неделникот „Република“, 12.06.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top