Вашата најнова улога е ликот на сликарот Франциско Гоја, а премиерата на претставата е оваа недела. Кажете ни за која претстава станува збор и кои колеги ја подготвувате?
Довлев: Насловот на претставата е „Заспаниот разум раѓа чудовишта или денес не напишав ни збор“. Првото е, всушност, името на една од најпознатите графики на Гоја, од серијата Лос Капричос, а второто е краток извадок од дневникот на Хармс. Претставата е компилација од неколку сцени од драмата што говори за славниот шпански сликар, „Сонот на разумот“ од Антонио Буеро Ваљехо и извадоци од делата на Данил Хармс. Оваа претстава е уште еден обид на нашиот театар за заживување на младинската сцена. Во неа се говори за животот на Гоја и на Хармс, за нивните несогласувања со авторитетите од власта. Иако овие двајца живееле во различни периоди и во два сосема различни политички система, сепак нивните животни судбини имаат многу сличности. По големиот успех што нашиот театар го постигна со младинската претстава „Нашиот клас“, во новиот проект повторно во улога на режисер се јавува Владимир Милчин, сценограф е Крсте Џидров, а костимограф Марија Пупучевска. Во актерската екипа покрај мене се уште и Мартин Јорданоски (Хармс), Мики Анчевски, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Ана Левајковиќ-Бошков, Татјана Павловска – Кочовска, Емра Куртишова, Наташа Петровиќ, Симона Спировска и Бојан Кирковски.
Гоја со својата гротескна фантазија успеал да го претстави апсурдот на своето време. Тој живеел во Шпанија во време кога политичката клима станува напната и заминува во прогонство во Бордо… Дали претставата го опфаќа и овој дел од животот на Гоја и како го подготвувавте ликот? Беше ли тешко да се долови личноста уметникот?
Довлев: Сцените од драмата „Сонот на разумот“ од Антонио Буеро Ваљехо што се составен дел од нашата претстава, говорат токму за тој период. Гоја е во поодминати години и по враќањето на Фернандо Седми на шпанскиот престол, тој одбива да продолжи да биде дворски сликар. Поради угледот и славата што Гоја ги има во тој период Фернандо Седми решава место да го ликвидира, да го протера во Франција, поточно во Бордо, каде што Гоја останува до својата смрт. Улогата е многу комплексна и тоа не само поради тоа што Гоја има неколку дијаметрално различни периоди во своето сликарство, туку и поради фактот дека во последните години од неговиот живот тој сонувал кошмари во кои главни протагонисти се токму ликовите од неговите платна. Кога на тоа ќе се додаде и фактот дека Гоја во тој период бил речиси глув, тоа дополнително ми ја усложни задачата. Истражував многу на тема Франциско де Гоја, го гледав и филмот „Гоја во Бордо“ од Карлос Саура, што ќе излезе од сево ова како краен производ оставам да оцени публиката. Инаку, кога сме кај соновите и кошмарите треба да се каже дека тоа е една од тие работи што ги поврзува Гоја и Хармс бидејќи и во творештвото на Хармс сонот е често застапен.
Како прв човек на Театарот за деца и за младинци во својата програма презентиравте идеја за оформување на првиот македонски фестивал на детски театри, програма за развој, за театарски проекти, основање младинска сцена, правење куклени претстави за возрасни, гостување на странски театарски фестивали како копродукциски проекти… Со оглед на тоа дека Ви завршува мандатот, остана ли нешто што не успеавте да реализирате?
Довлев: Прво, мора да се каже дека таа програма сум ја пишувал од позиција на вработен актер, во период кога не сум можел ни да претпоставам со каква работа се зафаќам. Некои работи што тогаш ми изгледале изводливи, подоцна, низ практика сум заклучил дека бараат многу поголем ангажман од тоа што сум претпоставувал. Како пример ја посочувам токму идејата за формирање меѓународен фестивал за деца. Тоа е ангажман што бара целосна посветеност и целосно работно време во текот на целата година. Да се биде директор на ваква институција и истовремено да се организира меѓународен фестивал, тоа за мене беше преголем залак.
Што се однесува до младинската сцена, тука сметам дека направивме огромен чекор. Направивме неколку проекти за оваа публика. Тука е „Декамерон“, проект, кој, всушност, беше и нашата прва копродукција со МНТ, потоа во таа група спаѓа „Нашиот клас“, како и оваа најнова претстава, која својата премиера ќе ја има на 11 јуни. Кон овие три проекти јас би го додал и „Оливер Твист“, претстава адресирана до групата деца од 10 до 14 години.
Кога станува збор за гостувањата, покрај тоа што успеавме да одржиме континуитет со нашето присуство во регионов (Суботица, Крагуевац, Котор, Херцег Нови, Подгорица, Бања Лука, Шибеник, Трговиште), театарот гостуваше и во Стокхолм и во Прага, а оваа година сѐ уште чекаме одговор од Монс, Белгија, кој е Европски град на културата за 2015 година.
Делот од програмата насловен како Програма на проекти, исто така беше некое мое видување од пред четири и пол години. Некои наслови што тогаш сум ги најавил не се поставени, но, сепак, целта е постигната бидејќи во веќе реализираните проекти има и лектири за сите возрасти и атрактивни наслови и младински претстави и бројот на реализирани проекти е завиден.
Театарот за деца и за младинци во време кога Вие бевте на чело на институцијата доби реконструкција на внатрешноста на објектот, се закити со многубројни награди и признанија во земјава и во странство… Според Вас, што е најголемиот успех во текот на Вашиот мандат?
Довлев: Би сакал да потсетам дека пред повеќе од четири години проблемот со несоодветниот простор во кој работиме беше табу-тема. Сега околу овој проблем се дискутира многу отворено и често и во Министерството за култура и воопшто во театарските кругови. Како резултат на ова произлезе и проектот за реконструкција и реновирање на постојниот објект, иако ние изработивме и идејно решение за трајно решавање на овој проблем. За ова имаме и недвосмислена поддршка од страна на министерката и тоа е нешто на што треба да се работи во идниот период. Исто така, пред четири години бевме во ситуација во која имавме само 17 вработени, од кои осуммина беа актери. Крајно време беше да го подмладиме ансамблот и да се доекипираме и во административните и во техничките служби. Па, така вработивме осум млади актери, сметководител, правник, соработник за маркетинг, сценски работници и др. Во моментов нашиот театар има 36 вработени и сметам дека во тој правец треба да се продолжи, зашто со новите вработувања театарот функционира поефикасно и подобро.
Далеку сме од тоа да тврдам дека сега е идеално и дека сите проблеми се решени, но со крената глава можам да кажам дека дадов сѐ од себе и имам чувство дека работите се одвиваат во позитивен правец. Во уметничкиот дел ги вработивме најдобрите и најсоодветни кандидати. Тврдам дека кај нововработените уметнички кадри во нашиот театар нема ни „п“ од партизација и за тоа сум подготвен да дискутирам со кого било.
За жал, постојат проблеми што не успеав да ги решам, и покрај добрата волја од страна на Министерството. Пред сѐ, тука сакам да го истакнам проблемот со убедливо најниските театарски плати на нашите вработени, на ниво на цела држава. Тоа е стар проблем, кој во услови на немање колективен договор во областа на културата тешко дека може да се реши. Тоа што јас успеав да го направам е тоа дека овој проблем е актуализиран и апсолвиран од страна на Министерството и сигурен сум дека со отстранување на објективните пречки, ќе биде решен.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Република
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.