Почна летото, температурата расте, а со тоа и желбата за капење, плажа, сончање. Единствена грижа на луѓето во овој период е дилемата каде да се оди на одмор и како да се обезбедат средства за него бидејќи, колку и да се нема, за летување некако мора да се најдат пари. Комбинациите се различни, но најголема заштеда се обезбедува со летување пред и по сезона кога аранжманите се поевтини. Одморот, пак, во екот на сезоната може да се покрие со кредит или со плаќање на рати. За тие што сакаат да поминат со помалку издатоци, најчеста дестинација за одмор е Грција. Ем е најблиску ем е најповолна.
– Неколку часа возење и ете нѐ на плажа. Грција ни е најблиску и со морето, но и со цените. Секоја година сме таму, најчесто во јуни или во септември бидејќи тогаш е најевтино. Цела година работиме, па секако сме заслужиле барем седум дена да се одмориме. Морето и сонцето се непроценливи за здравјето и на умот и на телото. Малку парите се проблем, но тие, секако, се трошат, дали дома, дали на плажа, исто е – вели скопјанецот Марко Петковски.
Тој е еден од многуте Македонци што и летово ќе се сончаат на грчките плажи. Некои се решаваат за понуди дадени преку интернет или, пак, за патување во сопствена режија, а таму да најдат сместување. Но, повеќето што патуваат одат преку аранжмани што ги нудат туристичките агенции.
– И ова лето Грција е хит дестинација за одмор. Најмногу закупени аранжмани има за Халкидики и за островите Крф, Лефкада, Тасос. Цените, но и условите за патување се најповолни кај јужниот сосед. Цените во претсезона се движат од 100 евра, па нагоре за 7 или 9 ноќевања за двајца, а трето и четврто лице одат бесплатно. Деца до 12 години летуваат бесплатно. Во споредба со минатата година, цените за претсезона се за нијанса поевтини. Јуни е целосно распродаден, па сега ги нудиме аранжманите за јули и за август со хотелско и апартманско сместување, а цените се движат од 20 евра по човек – вели Драгана Бојковска од туристичката агенција „Пет“.
Според неа, најбарани дестинации за Грција се Крф, Тасос и Лефкада.
Втора на листата најпродавани аранжмани е Турција.
– Годинава многу луѓе ќе летуваат и во Турција. Атрактивноста на Турција порасна со понуда на поволни аранжмани со вклучени чартер-летови. Анталија и Аланија се најбарани од младите, а цените со превозот се движат околу 500 евра за седум дена, што е многу прифатливо за лицата што сакаат добар одмор – објаснува Бојковска. Таа додава дека најчесто граѓаните плаќаат во готово.
Некои агенции како понуда ја имаат вклучено само Грција.
– Ние како понуда ги имаме аранжманите за првиот и за вториот крак во Грција. За островите сѐ уште е рано, тие најмногу се продаваат во периодот кога е екот на сезоната. Аранжманите се за седум ноќевања, додека островите ги нудиме со 9 ноќевања поради тоа што се подалеку. За пред и по сезона заинтересираноста е огромна поради тоа што се работи за поевтини понуди. Аранжмани за јуни се бараат по 14 јуни поради школските обврски на децата, а многу поголема е заинтересираноста за септември – вели директорот на „Игуана турс“, Александар Чоневски.
Според него, цените на аранжманите што тие ги нудат се минимално зголемени во однос на лани.
– Нашите партнери од Грција ги покачија цените, па бевме принудени и ние да ги коригираме нашите, но многу помалку од цените што ни ги испорачаа нам. Сепак, не верувам дека тоа многу ќе се одрази врз буџетот за летување на граѓаните – додава Чоневски.
За граѓаните што немаат можност да отпатуваат надвор од државата, како варијанта стои можноста за летување во Охрид, Струга, Преспа, Дојран. Средувањето на плажите и подобрените услови во сместувачките капацитети привлекуваат сѐ повеќе туристи во туристичките центри во земјава. Сепак, овие дестинации ретко која агенција ги има вклучено во својата понуда, па патувањето таму најчесто е во сопствена организација. Варијантите се хотелско или приватно сместување, кои чинат од 600 денари па нагоре по кревет.
Дел од граѓаните располагаат со повисок буџет за летување, па се решаваат за подалечни и поскапи аранжмани за летување. Македонците со повисок буџет се капат и сончаат на егзотични острови и тропски плажи. Туристичките работници велат дека има интерес и за подалечни дестинации, за хотелите кои ги нудат во Куба, Палма де Мајорка, Дубаи, Москва, Санкт Петербург.
Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 145. број на неделникот „Република“, 12.06.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!
-
УНХЦР: Расте бројот на мигранти и бегалци кои од Турција доаѓаат во Грција