Француските претставници веќе изјавија дека единствени последици од излегување на некоја земја од еврозоната ќе има самата земја затоа што еврозоната не може да ја дестабилизира ниту една од малите економии, како што е грчката, која е само околу три проценти од вкупната економија на ЕУ. Германскиот социјалдемократ, а сега прв човек на Европскиот парламент, Мартин Шулц, отиде уште понатаму. Тој во дебатна емисија на германската национална телевизија рече дека Грција не може да излезе од еврозоната а да не излезе од ЕУ. Со тоа првиот европарламентарец, кој, сигурно, има добри анализи од правните служби на европското законодавство тело, ги расчисти сите дилеми дали Грција ќе остане во ЕУ ако излезе од еврозоната.
Ако напуштањето на Грција на еврозоната има ограничени последици за Македонија, случајот со евентуално грчко напуштање на ЕУ (што засега, сепак, е само во доменот на теоријата) може да донесе тектонски поместувања во односите меѓу Македонија и Грција. Во анализата треба да се имаат предвид и негативните и позитивните последици за Македонија. Позитивното за нас е што доколку земјава успее да ги преброди внатрешните превирања и политичката криза што трае веќе три години, без Грција во европските институции и во НАТО земјата ќе може да стане членка на алијансата и да почне преговори за членство во ЕУ. Иако грчката улога во таа ситуација би можеле да ја преземат „братскиот“ Кипар или „непријателот на мојот непријател“ Бугарија, сепак речиси е извесно дека без Грција како дел од ЕУ, Македонија има сериозни шанси да го оствари својот евроатлантски сон и, конечно, по две и пол децении турбуленции, да се стабилизира.
Последиците се претежно негативни
Во сценариото во кое Атина ќе се врати на драхмата, покрај поевтинувањето на цените поради лошиот имиџ и вредност на новата валута, Македонија ќе трпи претежно негативни последици. Уште подраматично ќе биде во случај на излез од ЕУ. И во обата случаја влошената внатрешна економска и социјална состојба ќе имаат директно негативно влијание врз Македонија. Во случај на чудо, Ципрас во име на грчкиот народ да раскрсти со ЕУ, мора да се антиципира сериозно социјално раслојување и сиромаштија, која ќе влијае и на економските процеси во земјава. Ваквото сценарио ќе биде силен удар и за грчките компании што инвестирале во Македонија и што вработуваат илјадници македонски граѓани (грчки извори тврдат дека се работи за повеќе од 20.000 луѓе што работат во грчки фирми во земјава). Во недостиг од средства за преживување на администрацијата, некои грчки аналитичари предвидуваат дека врз овие фирми ќе се врши силен притисок ако постои и најмала можност својот бизнис да го вратат во матичната земја или барем сите административни капацитети да бидат стационирани во Грција.
Ќе се остварат ли заканите на Каменос?
Еден од најсилните удари што може да го предизвика грчкиот банкрот е реализирање на заканата на министерот за одбрана и лидер на владиниот коалициски партнер Каменос, кој најави дека Грција може да пропушти еден милион бегалци од Блискиот Исток. Меѓу нив, како што се закани лидерот на Независни Грци, ќе има огромен број исламски радикали, кои ќе можат слободно да влезат во ЕУ. Проблемот за Македонија е што, како што и сега може да се види, маршрутата на овие бегалци води низ Македонија. Грција и досега систематски ги отвора своите граници кон Македонија за да може да се ослободи од нив, по што тие влегуваат во земјава со надеж дека еден ден преку Косово и Србија ќе влезат во Унгарија. Сепак, состојбата ќе биде многу подраматична ако Грција систематски ги испразни своите прифатни центри, како тој во пристаништето Патра каде што има прифатилишта за стотина илјади бегалци, пред сѐ од Сирија, Ирак и од земјите од МАГРЕБ. Кога пред три години сегашниот амбасадор на Македонија во Ватикан Ѕвонко Јанкуловски предупреди на оваа опасност, никој во земјава не веруваше дека ова сценарио е можно. Бран од само десетина илјади бегалци во Македонија ќе значи сериозен проблем затоа што ниту Косово ниту Србија нема да сака да ги прифати, а засега нема договор ниту меѓу најмоќните членки на ЕУ за ова прашање. Во најдобра варијанта, проблемот ќе може да се реши со организиран транзит кон членките на ЕУ, а во полошата за нас со изградба на кампови по урнекот на Стенковец од косовската криза во 1999 година. Притоа Македонија, покрај систематска контрола на стотици километри јужна граница, ќе ангажира илјадници полицајци и други структури за соочување со ваков бегалски бран.
Десетици милиони евра, можеби и стотина нема да бидат доволни за соочување со овој предизвик и тоа во ситуација кога на глобално ниво Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации (УНХРЦ) има сериозни проблеми со финансирање на своите операции во земјите погодени до војни од каде што доаѓаат бегалците.
Шанса за ИСИС
Најлошата варијанта е меѓу вистинските бегалци што транзитираат од Ирак и Сирија преку Турција и Грција да бидат инфилтрирани оперативци на Исламската држава или други милитантни муслимански групи, кои во Македонија би почнале терористички акции во содејство со локални поддржувачи за кои е познато дека се активни во Македонија, Косово , Србија (Санџак), Црна Гора и Албанија. Во ситуација кога кумановскиот инцидент покажа дека земјите од регионот и покрај потпишаните договори за размена на информации не функционираат и кога во службите на сите земји постојат „фракции“ што за пари или идеологија би им помогнале на овие радикални терористички групи, јасно е дека речиси нема одбрана од фанатици што во името на идеологијата или религијата би убивале невини луѓе.
Ќе настрада и пограничниот бизнис
Од евентуален грчки банкрот негативни последици ќе имаат и стотина илјади луѓе во Македонија што живеат во пограничните региони. Покрај туризмот и коцкарниците, штета ќе има за стотици мали стопанства и за илјадници „пазарџии“, кои своите производи им ги продаваат на муштерии од Грција. За време на пазарни денови во Битола, на пример, меѓу главните купувачи се нашинци или вистински Грци дојдени од Лерин, Воден или од Костур. Пoкрај тоа што можат за помалку пари да дојдат со квалитетни земјоделски производи, па и месо, тие најчесто одат на бербер или на педикир во некои од салоните во македонските погранични градови.
Посебна приказна се забарските и гинеколошките ординации, кои се преполни со пациенти од Грција, каде што прегледите се најмалку трипати поскапи. Според одредени анализи, доколку Грција излезе од еврозоната и воведе драхма, новата валута ќе биде на ниво на сегашниот курс на бугарскиот лев, односно за едно евро ќе се добиваат две драхми. Со оглед на тоа што по долги години драхмата ќе мора да има реална подлога, а не како во случајот со еврото, националната валута да се базира на нереални извештаи покриени со кредити, се очекува просечната плата во Грција од сегашните 1.000 евра за 2014 година да се намали за најмалку 40 проценти или да биде околу 600 евра. Паралелно се очекува намалување на цените на услугите и на домашните производи, кои би биле поконкурентни на странските пазари, а се очекува и намалување на цените на туристичките услуги.
(Текст објавен во 145. број на неделникот Република, 12.06.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!